Психологијата е една од оние тема за кои секој знае сè. Луѓето
обожуваат да ги анализираат колегите, пријателите, едноставно кажано –
сите освен себеси. Ова се прави од здодевност, љубопитност, но најчесто
од надменост. Но, како и секоја наука што навлегла во поп-културата,
така и од психологијата излезени се едно чудо погрешно разбрани тврдења
за кои сите се колнат дека се точни.
1. „Ако се ослободите од гневот, ќе се чувствувате подобро“
Индустријата за забава е онаа што најмногу го продава ова тврдење. Секогаш, оние што ги чуваат чувствата внатре, по некое време „експлодираат“ и прават нешто неразумно, зашто „човек може само толку да истрпи“. За нас, кои живееме во реалниот свет, ни се даваат предлози како „подобро е да ја скршиш од ќотек вреќата за боксирање, отколку носот на твојот шеф“.
Но, ова е потполна глупост. Не само што празнењето на гневот не нè прави помалку гневни, туку нè тера да се ставаме во потрага по повеќе стресни ситуации кои ќе ни разбудат гнев. Луѓето се суштества водени од навики. Па така, кога нешто ќе ве направи да се чувствувате добро (тепајќи ја вреќата добивате адреналинска инјекција), тогаш тоа ќе го правите одново и одново и одново. И само замислете – што ќе сторите кога ќе се најдете во ситуација кога ќе нема некој предмет околу вас за да го истурите гневот врз него? Канцеларијата може многу бргу да стане прилично непријатно место.
2. „Верувајте во себе и ќе успеете!“
Важноста на самодовербата ни се всадува постојано во умовите уште од мали нозе. Сите ни кажуваат дека мора да веруваме во себе, без оглед на сè. Земете за пример некој средношколски филм. Секогаш некој маргиналец со прекумерна тежина, лош изглед, недостаток на талент или сл. пронаоѓа во себе дека има доволно сила за да се издигне од ситуацијата во која е постојано малтретиран и да стане ѕвезда на игранката / натпреварот / екскурзијата. Оттогаш сите започнуваат да го почитуваат, а тој станува најпопуларен.
Но, еве каде е проблемот. Наместо да ги учиме децата да веруваат во себеси затоа што успеале, ги учиме дека ќе успеат ако веруваат во себеси. Некој не посветил доволно внимание на каузалноста. Па така, има сè повеќе деца со напумпана самодоверба кои не умеат да направат апсолутно ништо и кај кои расте агресивноста секогаш кога нивната супериорност ќе биде ставена во прашање. Луѓето кои не се способни за ништо, а кои имаат ниска самодоверба се имуни на разочарувања и имаат помала склоност кон психички болести, за разлика од оние кои летаат високо… падот најчесто е ужасен.
3. „Ако некој лаже, ќе го уловиме со детектор за лаги“
Полиграфот е измислен на почетокот од 20 век и се користи преку 80 години во спроведувањето на законот. Прекарот кој му е даден на овој апарат „детектор за лаги“ имплицира дека машината некако знае кога вие лажете, но, како што веројатно веќе знаете, тоа би било магија. Наместо тоа, детекторот едноставно мери неколку физички параметри кои навестуваат дека можеби лажете.
Резултатите од полиграфот секогаш варираат во однос на личноста и психолошката состојба во која се наоѓа испитаникот, техниката на оној што ги поставува прашањата, итн. Ако сте емотивни по однос на некое прашање или прекумерно нервозни, тогаш резултатите во никој случај не можат да бидат точни. Никој не вели дека полиграфот не помага, но е далеку од прецизна алатка. Всушност, тој е за нијанса поточен во ловењето лаги отколку фрлање паричка. Замислете што ќе се случи ако подложите на полиграф некој што се занимава со политика повеќе од 10 години! Несомнено, тој ќе успее и себеси да се убеди дека го измислил тркалото.
4. „Тој е хомофоб, мора да е латентен хомосексуалец“
Ако сте гледале некоја серија која се врти околу животот на хомосексуалците (пр. „Вил и Грејс“), тогаш сигурно сте налетале на некој лик кој мрази хомосексуалци, за на крајот да открие дека и самиот е еден од нив. Ако ништо друго, познат ви е примерот од „Американска убавина“. Ова е еден архетип кој од индустријата за забава е измолзен до крајните можни граници. И не велиме дека не се случува. Напротив! Постојат луѓе во теретана кои јавно покажуваат ужаснатост од присуството на хомосексуалци а имаат хомосексуален љубовник; политичари кои ревносно се борат против истополови бракови и потоа завршуваат во некој секс-скандал со човек од истиот пол…
Главниот проблем овде е што хомофобијата всушност не е дел од листата на фобии. Терминот е повеќе сленг што се користи за најразлични нешта – од непријателски однос кон хомосексуалци, преку религиозни забелешки за врските со луѓе од ист пол, па сè до насилство. Ако ги искомбинирате сите нешта кои се окарактеризирани со тој термин, тогаш излегува дека речиси половина од населението се латентни хомосексуалци – а тоа е малку веројатно.
Кога ќе видите некој со нечовечки однос кон хомосексуалците, можно е да се работи за притаен хомосексуалец кој треба да го сожалувате. Но, од друга страна, може едноставно да се работи за нечовек.