Новиот документарец на британската телевизија Channel 4 (Egypt’s Great Pyramid: The New Evidence) разгледува дел од новите откриени докази околу контрукцијата на Големата пирамида во Гиза. Се работи за информации запишани на древно парче папирус, најдено на брегот на Црвеното море, во пристаништето Wadi al-Jarf.
Папирусот го нашол египтологот Пјер Талет додека копал во пештери ископани во варовнички карпи лоцирани на неколку километри од брегот. Талет се водел од белешките на ран англиски истражувач од 19-от век – Џон Гарднер Вилкинсон, кој прилично прецизно ја има опишано локацијата:
„Близу руините има мал рид кој содржи 18 ископани комори, покрај кои можеби има и многу други, а чиј влез веќе не е видлив. Влеговме во тие каде што вратите беа најмалку попречени од песокот или одронетиот камен, и утврдивме дека се катакомби…“.
Захи Хавас – египетски археолог и поранешен главен инспектор за пирамидите како и министер за антиквитети, изјави дека тоа е „најголемото откритие во Египет во 21-от век“.
Во папирусот се објаснува како точно бил транспортиран каменот до локацијата на изградба на пирамидата на Кеопс, елиминирајќи ги разните други теории по прашањето. Папирусот е дел од 4.500 години стариот дневник на Мерер кој го пронајде француско-египетски тим од археолози. Мерер бил египетски градежен надзорник кој располагал со тим од 40 елитни градежници, а кој бил значително инволвиран во изградбата на пирамидата по барање на вториот фараон на четвртата египетска династија – Кеопс (помалку познат и како Khufu).
Запишано е дека изградбата на 146-метарската пирамида траела вкупно 20 години, заклучно со 2560 година пред н.е. Од хиероглифите, истражувачите успеале да дешифрираат опишани три месеца од животот на Мерер, но и од животите на работниците. Сега засега, фрагментот е единственото сведоштво во прво лице од животот во периодот на изградба на пирамидата.
Во текстот пишува и за посетата на Мерер на Тура – град покрај Нил кој бил познат по својот каменолом за ископување на варовник. Мерер, заедно со илјадници други работници, ги наполните специјално градените бродови со тони и тони варовнички блокови, и пловеле по Нил преку мрежа од вештачки водни канали, сé до Гиза, колку што било можно поблиску до локацијата на изградбата на пирамидата. Под платото под Кеопсовата пирамида се најдени траги што го потврдуваат постоењето на ваквите водни канали. Потоа, на копното, блоковите биле тркалани до основата на пирамидата по специјални стази.
Папирусот моментално е изложен во Египетскиот музеј во Каиро.