Ковачевски демантира дека имало состанок во вилата „Водно“ на кој се крчкале измените на Кривичниот законик со цел обезбедување мнозинство за уставните измени

Како што кажа Мицкоски вчера на изборниот митинг во Тетово, на состанокот во вилата „Водно“, на кој се разговарало за измените во Кривичниот законик, наводно, биле присутни Ковачевски Али Ахмети, Артан Груби и Стево Пендаровски

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска ги оцени како инсинуации и како работи кажани на митинг кои немаат никаков допир со реалноста, тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека во вилата „Водно“ имало состанок за измените на Кривичниот законик за да се обезбеди мнозинство за уставните измени. 

Како што кажа Мицкоски вчера на изборниот митинг во Тетово, на состанокот наводно биле присутни Ковачевски Али Ахмети, Артан Груби и Стево Пендаровски.

Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ

„Ниту имало некаков состанок во вила ‘Водно’ на кој се разговарало за какви било измени и на кој било закон ниту со тие измени се планирало какво било гласање на уставните измени. Со индигнација ги отфрлам тие инсинуации“,

рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со европратеникот и носител на листа на социјалдемократите во Австрија за изборите во ЕУ, Андреас Шидер.

Ковачевски истакна дека во тек е носење комплетно нов кривичен законик на кој работат експерти во Министерството за правда.

„Ако се сеќавате, законските измени беа презентирани во парламентот и немаше ниту една дискусија од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против. Тие обезбедија кворум тие законски измени да се изгласаат, дури најголемиот дел од нив беа среќни, нив ќе ги прашате зашто беа среќни, но јас ќе ве потсетам дека законските измени се донесени заради усогласување со европското законодавство во делот на конфискација на имот стекнат на незаконски начин и заради усогласување на одредби од законот со одредбите на законите на други држави, Словенија, Германија и 90 отсто од земјите членки на ЕУ и Советот на Европа во кои не постојат бланкетни одредби за обвинување лица и нивно бескрајно држење во притвор. Со тоа Кривичниот законик стана поевропски, а постојат над 400 одредби во Кривичниот законик со кои можат да бидат помилувани лица кои се огрешиле по кој било закон во државата“,

рече Ковачевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение го повика шефот на државата и претседателски кандидат на СДСМ Стево Пендаровски да каже што договарал со Артан Груби, Али Ахмети и Димитар Ковачевски во вила „Водно“.

„Пендаровски треба да каже што договараше на состанок во вила Водно со Артан, Али и Ковачевски? Дали договарал измени во кривичниот законик со цел амнестија на некои поранешни политичари со цел притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, што не му успеа“,

прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -