Силјановска-Давкова од Карпош: Македонија треба да направи сѐ за дома да си ги воспостави потребните стандарди

Реформите што се прават и зачленувањето во Европската Унија како приоритет не треба да се само флоскула, туку Македонија треба да направи сѐ за дома да си ги воспостави потребните стандарди.

Ова, од митингот во скопската населба Карпош, вечерва го порача кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова.

Но, според неа, дел од вината што Македонија сѐ уште не е членка на Европската Унија е и кај самата ЕУ која не ни подала рака навреме.

Гордана Силјановска-Давкова / фото: принтскрин

„Замислете ако навистина ни подадоа рака уште во 2008 година. Се ќе беше поинаку. Во спротивно, само ги охрабрија балканските канибали, ги охрабрија – токму така, а тие како што гледате се однесуваат како карикатурални цезари и бонапарти“,

рече таа.

Во својот говор Силјановска-Давкова рече дека за неа еден од најважните приоритети е доброто образование и оти нема подобра инвестиција од тоа. 

„Мое решение – во претседателскиот кабинет и околу мене ќе формирам совет за млади. Доста со тезите дека на младите им припаѓа иднината. Младите мора и сегашноста да ја земат во своите раце. Една умна влада, а се надевам дека таква ќе биде бидејќи нема веќе избор – до ѕидот на срамот сме доведени зошто дијагнозата за нас како што гледате на Фридом хаус е што – цикличен хибриден режим, вртење во круг. На тоа мора да се стави крај и мораме да исчекориме“,

рече Силјановска Давкова.

Таа побара жените повеќе да се занимаваат со политика и со својата посветеност и пожртвуваност да и помогнат на државата.

„Морам да ги охрабрам жените да се занимаваат со политика. Политиката е во женски род. Дури маж и жена прават човек не смее Македонија да се откажува од 50 проценти ум, знаење, креација, посветеност. Како што сме посветени секаде, сигурно ќе бидеме посветени и во негувањето на Македонија, а таа ќе биде горда на нас и на вас сите“,

вели таа.

Силјановска-Давкова најави враќање на народните канцеларии за да може полесно да го чуе гласот на народот, вето на владини закони ако тие се во спротивност со уставот, предлагање на, како што рече, врвни правници, а не партиски лица во Судскиот совет и во Уставниот суд, како и врвни експерти во Советот за безбедност.

„Во дипломатијата нема да одат дилетанти, импровизатори, луѓе кои ја навредуваат Македонија, а не ја прават горда – скандал мајстори. Ќе одат луѓе кои се најдобра слика за Македонија. Така ние ќе бидеме почитувани… Доделувањето на наградите кои се во ингеренции на претседателот ќе биде на лица кои тоа навистина го заслужуваат“,

рече таа.

- Реклама -