Нема услови за одржување на мастер дебатите меѓу претседателските кандидати, велат од изборниот штаб на Пендаровски

Сите седум кандидати за шеф на државата неодамна дадоа согласност за учество во двете мастер дебати кои требаше да се одржат во пресрет на првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април. Но, како што велат од штабот на Пендаровски, за жал не се создадени услови за најавеното соочување на претседателските кандидати

Најавените мастер дебати помеѓу седумтемина претседателски кандидати, кои беа иницирани од актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, нема да се одржат. За ова, писмено соопштение денеска информираат од изборниот штаб на Пендаровски, посочувајќи дека не биле создадени услови за одржување на дебатите.

Седумтемина кандидати за претседател на државата / Фотоколаж: „360 степени“

Сите седум кандидати за шеф на државата неодамна дадоа согласност за учество во двете мастер дебати кои требаше да се одржат во пресрет на првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април.

„Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи“,

потсетуваат од изборниот штаб на актуелниот претседател на државата и аспирант за втор мандат, Стево Пендаровски.

Од штабот на Пендаровски додаваат дека во изминатиот период одржале и состаноци со одговорните лица од националните телевизии и со претставници од изборните штабови на останатите претседателски кандидати со цел, како што велат, да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања.

„Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие ‘мастер дебати’,

се додава во соопштението.

Од штабот на Пендаровски минатата недела информираа дека сите претседателски кандидати одговориле позитивно на иницијативата на претседателскиот кандидат на СДСМ за одржување на мастер дебата на која имаат можност да ја претстават својата програма и својот концепт за тоа како ќе ја водат државата доколку победат.

Дел од кандидатите, како што информираа тогаш од штабот на Пендаровски, имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред сè Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски нагласија оти тоа не е можно.

- Реклама -