Револтирани сме од израелскиот напад во кој беа убиени хуманитарни работници, велат од Белата куќа

Во нападот на конвојот на „Светска централна кујна“ загинаа државјани на Австралија, Велика Британија и Полска, како и Палестинци и двоен државјанин на САД и Канада

ФОТО: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Белата Куќа соопшти дека е огорчена од израелскиот воздушен напад врз Газа во кој загинаа седум лица кои работеа за „Светска централна кујна“. Американскиот претседател Џо Бајден имал телефонски разговор со основачот на невладината организација – шпанскиот готвач Хозе Андрес, во кој му кажал дека срцето му е скршено поради веста за нападот врз вработените во организацијата.

„Бевме огорчени кога дознавме за нападот на ИД во кој вчера загинаа голем број цивилни хуманитарни работници“,

изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Запрашан дали САД ќе го осудат израелскиот воздушен напад, Кирби рече „за употребата на зборот ‘огорчен’  мислам дека во голема мера можете да го окарактеризирате како осуда на самиот напад“.

Бајден, во разговорот со основачот на невладината организација, јасно му стави до знаење на Израел дека хуманитарните работници мора да бидат заштитени.

„Бајден му рече на основачот на организацијата, Хозе Андрес, дека јасно ќе му стави до знаење на Израел дека хуманитарните работници мора да бидат заштитени“, .

рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер

Во нападот на конвојот на „Светска централна кујна“ загинаа државјани на Австралија, Велика Британија и Полска, како и Палестинци и двоен државјанин на САД и Канада.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека нападот е трагичен и ненамерен, а израелската војска вети независна истрага.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Вашингтон го повикал Израел да спроведе брза, темелна и непристрасна истрага за израелскиот воздушен напад во кој загинаа седум лица кои работеа во Газа за хуманитарната организација „Светска централна кујна“. 

„Разговаравме директно со израелската влада за овој конкретен инцидент. Побаравме брза, темелна и непристрасна истрага за да откриеме што точно се случило“,

изјави Блинкен на прес-конференција во Париз, додавајќи дека хуманитарните работници мора да бидат заштитени.

Американскиот државен секретар, исто така, рече дека она што Израел го направи досега за да дозволи помош во Газа не е доволно.

Блинкен посочи и дека координацијата на помошта за Газа е постојан проблем. Тој ја истакна потребата од зголемување и одржување на помошта за палестинската енклава, чие население е на работ на глад. 

Велика Британија денеска ја повика израелската амбасадорка во Лондон, Ципи Хотовели, во врска со нападот во кој загинаа хуманитарни работници во Појасот Газа.

„Во име на Владата, силно го осудувам ужасното убиство на седуммина хуманитарни работници од ‘Светската централна кујна’, меѓу кои и тројца британски државјани. Повикав на брза и транспарентна истрага, споделена со меѓународната заедница и барање целосна одговорност“,

изјави британскиот министер за развој и за Африка, Ендрју Мичел.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон на социјалната платформа Икс напиша дека разговарал со неговиот израелски колега Израел Кац. 

- Реклама -