Јан Коп: Со враќањето на Дамева, Судскиот совет повторно може да смета на помошта од Холандија

Холандската Амбасада денеска објави дека амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп имал средба со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

-Амбасадорот Дирк Јан Коп денеска се сретна со Весна Дамева, претседател на Судскиот совет (СС). Амбасадорот Коп е задоволен што Судскиот совет повторно е правен субјект. Сега е од големо значење и итност да се започне со враќање на довербата на јавноста и меѓународната заедница во Судскиот совет, стои во објавата на фејсбук профилот на Амбасадата.

Дамева, се посочува, даде преглед на начинот на кој на транспарентен начин ќе ги имплементира препораките на Оценката мисијата на Европската унија.

-Холандија сега силно ќе размисли за рестартирање на проектот со Судскиот совет кој беше суспендиран во мај, минатата година, се наведува на фејсбук статусот на Амбасадата на Холандија.

Весна Дамева се врати на претседателското место во Судскиот совет на 4 јануари, а по пресудата на Управниот суд дека не се образложени причините поради кои таа претходно беше разрешена. Критики кон Советот во изминатиот период упати холандскиот амбасадор Коп, а коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет во постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд, амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер лани изјави дека СС не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски.

- Реклама -