Агелер: Институциите да се погледнат во огледало и да се прашаат зошто не ја заштитија Вања

Системот потфрлил да ја заштити 14-годишната Вања Ѓорчевска. Ако осомничените, за кои се знаело дека биле криминалци, биле соодветно гонети и затворени, немаше до дојде до ваквата трагедија – ова е оценката на американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер.

„Дозволете да ви кажам искрено, како што и претходно денес бев, системот не успеа да ѝ помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци, за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни, и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворани. Не биле апсени и целосно гонети за нивните претходни злосторства. Не морале да ја платат таа цена, и цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената“, рече Агелер во интервју за емисијата „Стадион“ на Канал 77, прашана за случајот што го потресе целиот регион, не само Македонија.

Според амбасадорката, институциите треба да се погледнат во огледало и сериозно да се запрашаат што можеле да сторат за да ја превенираат трагичната судбина на Вања и зошто дозволуваат криминалци слободно да се движат и да вршат секакви злодела.

Прочитајте и:  Агелер: Честитки до Шекеринска и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

„Срцепарателно е, апсолутно е срцепарателно, и сега не е време за политизација. Време е за институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе. И да се прашаат: ‘Што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државава?’“, порача амбасадорката.

„Ова е трагедија и се надевам, се молам дека оваа држава, граѓаните, институциите и државните претставници ќе се погледнат во огледало и ќе прашаат ‘што правевме, што треба да направиме сега за да осигураме дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи’“, додаде Агелер.

Извор: ММС

- Реклама -