Жителите од Слупчане бараат сметките за струја да им бидат ограничени на 3.000 денари, без оглед колку ќе потрошат

Жителите на липковско Слупчане повторно не им дозволуваат на екипите на ЕВН да работат на мрежата за да поправат дефект од поголеми размери кои самите жители на селото го предизвикале. Покрај нивното, оставени без струја се и селата Оризари, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце, информираа од ЕВН.

„Липковското село Слупчане и околните Оризари, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце сè уште се соочуваат со прекин во снабдувањето поради сериозен дефект“, велат од ЕВН Македонија.

Компанијата потсетува дека пред само неколку недели имаше сличен дефект, кога жителите на Слупчане „манипулираа со енергетски објект“ и оставија неколку села од липковско без електрична енергија.

„Пред околу три недели мештаните ветија дека ќе им дозволат на екипите на ЕВН да работат. На средба со нив беа министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи“, потсетија, исто така, од ЕВН.

Сѐ додека не се гарантира безбедноста на вработените на електродистрибуција, тие нема да ги извршуваат работните задачи, вклучително и отстранување на дефекти, категорични се од компанијата.

Меѓутоа, жителите на Слупчане имаат цела листа на барања кои ги доставиле до ЕВН, а кои ЕВН ги достави до медиумите. Барањата, потенцираат од компанијата, се спротивни на законските регулативи.

Имено, се работи за 13 барања на жителите на Слупчане, меѓу кои: да им се простат досегашните долгови (кои, како што нагласуваат од ЕВН, изнесуваат по неколку илјади евра), да добијат бесплатни нови приклучоци, да не им се фактурираат сметки поголеми од 3.000 денари без оглед колку ќе потрошат, верските објекти да бидат ослободени од плаќање… и слични други барања, велат од компанијата.

Загубите во Слупчане се 80 проценти, а наплатата е 20 отсто, потенцираат од ЕВН.

Извор: МИА

- Реклама -