ЈСП: Јавниот превоз утре ќе функционира без застои, причината за штрајк на синдикатот е нелегитимна

Функционирањето на јавниот градски превоз ќе функционира редовно и без задршки и покрај наводите на одредени медиуми и структури дека Скопје утре ќе остане без јавен превоз, се вели во реакцијата на ЈСП објавена на нивниот фејсбук профил околу утрешниот најавен штрајк во ова јавно претпријатие.

„Сакаме да потенцираме дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни зголемена е платата на сите вработени во ЈСП. Апелираме, медиумите и синдикатите да не дозволуваат да бидат инструментализирани од политиканти и политички бандити“, посочуваат од ЈСП во објавата.

Елизабета Тошевска, претставник на Синдикатот Спајс при ЈСП, претходно во изјава за МИА рече дека автобусите на ЈСП утре ќе возат по редуциран возен ред, бидејќи вработените ќе штрајкуваат пред управната зграда на јавното претпријатие од 4:30 часот до 12:30 часот..

Таа потенцира дека вработените ќе штрајкуваат поради, како што рече, неисполнетите барања и игнорантскиот однос на раководството на јавното претпријатие околу барањата содржани во Колективниот договор. Тошевска вели дека овој чекор го преземаат бидејќи, како што рече, нема усогласување на минималната плата со Колективниот договор на ниво на работодавач, односно зголемување за 2.170 денари за вработените во претпријатието, како и дека има кршење на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа.

Доколку никој од раководството на ЈСП не ги прими на разговор, како што најави, тие по 12:30 часот ќе си заминат дома и во Скопје пак ќе нема автобуси.

„Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплатата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години“, изјави Тошевска.

МИА

- Реклама -