„Форбс“: Тајванската „Јагео“ преку Северна Македонија го шири бизнисот во Европа

Принтскрин

Тајванската компанија „Јагео“, која меѓу другото произведува електронски делови и за „Епл“,инвестира 205 милиони евра во Северна Македонија и планира преку земјата да го проширува својот бизнис во Европа, пишува американскиот бизнис магазин „Форбс“.

„Гринфилд инвестицијата на ‘Јагео’ во Северна Македонија, земја од централна Европа со население под два милиона, се очекува да отвори 3.900 нови работни места во погони со седиште во Технолошко индустриските развојни зони во Скопје и во Штип. Американскиот производител на електронска опрема ‘Кемет’, кој беше купен од ‘Јагео’ за 1.8 милијарди долари во 2020 година, веќе управува со две фабрики и центар за истражување и развој во Северна Македонија“, посочува „Форбс“.

„Одржувавме долгорочни деловни партнерства со Северна Македонија главно за производство на кондензатори за електрични возила“, ја цитира „Форбс“ изјавата на основачот и претседавач на компанијата – Пјер Чен, по објавувањето на договорот за инвестирање.

Магазинот посочува дека тој ја пофалил стратешката географска положба на земјава, стабилната монетарна политика, поволното даночно опкружување и конкурентните трошоци за работна сила.

„Северна Македонија е идеална локација за ‘Јагео Груп’ да продолжи да ги шири своите деловни активности во Европа“, ја пренесува „Форбс“ изјавата на Чен.

Извор: МИА

- Реклама -