Министерот за економија Крешник Бектеши утре ќе побара средба со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бидејќи, како што соопшти, од соработниците во Министерството за економија е утврдено дека има грешка во пресметката на минималната синдикална кошничка.
„Можеби е ненамерна, а можеби и техничка грешка, но факт е дека минималната синдикална кошничка во нашата држава не е 50.000 денари и не надминува 43.000 денари, согласно методологијата што била претходно. Тоа значи дека од август па наваму два пати се калкулира инфлацијата во методологијата и во сите елементи кои беа наведени во претходната методологија“, изјави министерот за економија, откако со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски денеска пазареа во маркет, пред камери, за да покажат дека се намалени цените на млечните производи и тестенините.
Бектеши уверува дека Владата и натаму посветено работи на мерки за да спречи кризата да падне на грбот на граѓаните:
„Граѓаните да бидат спокојни дека кризата сигурно нема да биде целосно на нивниот грб. Сите ќе покажеме солидарност – ние ќе се откажеме од давачки, компаниите ќе се откажат од профити, а граѓаните треба да бидат најмалку погодени, бидејќи ние постоиме за нив“, рече Бектеши,
По неговата изјава, со краток но категоричен одговор, се огласија од ССМ.
„Пресметката е точна! Работниците и граѓаните едвај врзуваат крај со крај во месецот! Не им требаат советници на министер да им го кажат тоа!“, порачаа од Сојузот на синдикати на Македонија.
„Во ‘право’ е министерот, пресметката на синдикалната минимална кошница треба да биде многу повисока“, додаваат тие.