Еврејската заедница згрозена од маската на Хитлер на карневалот во Струмица

Градоначалникот на Струмица – Костадин Костадинов, маскиран во Јосип Броз Тито, а веднаш зад него и „Хитлер“

„Во пресрет на 80 годишнината на комеморацијата од депортацијата на Евреите од Македонија во центарот за убивање Треблинка, 11 март, Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од сѐ почестите антисемитски појави во нашата држава“, реагираат од Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија.

„Сметаме дека е апсолутно неприфатливо, под закрилата на ‘хуморот и сатирата’ да се исмеваат 6 милиони Евреи жртви на нацизмот, од кои 7.144 Евреи од Македонија, а како што беше случај на карневалот во Струмица на којшто, помеѓу другите маски, беше и онаа со ликот на Хитлер. Таквата маска не е во духот на карневалот и е во спротивност со мултиетничкиот и мулти конфесионален карактер на Македонија и пораката ‘Едно општество за сите’. Таквата маска го отвора прашањето дали за нас Евреите има место во оваа држава“, се вели во реакцијата.

Принтскрин

„Недоличните маски и глорификација на нацизмот и фашизмот не застанаа на карневалот. Само неколку дена по неговото одржување на 01.03.2023 на оградата на Еврејската заедница осамна графит со нацистички симбол – свастика. Дали јавната промоција на маската на Хитлер го потикна пишувањето на овој графит?“, прашуваат, понатаму, од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Тие потсетуваат дека македонската Влада, уште на 8 март 2018 година, по повод одбележувањето на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, ја прифати работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) за борба против антисемтизмот, а потоа и работната дефиниција за искривоколчување и негирање на холокаустот.

„Усвојувањето на овие два документи значи и обврска за постојан ангажман и конкретно делување на сите институции на државно и локално ниво, но и на граѓанското општество и на сите нас како граѓани на оваа држава во спречувањето на ваквите појави, а не нивна јавна промоција. Воедно, би сакале да укажеме дека уште во 2017 година Еврејската заедница предложи дополнување на Кривичниот законик, кои беа прифатени од работната група при Министерството за правда, а со коишто ваквите појави би се санкционирале соодветно, но за жал истите досега не се имплементирани“, се додава во реакцијата.

- Реклама -