Чулев: По 25 години повеќе не сум дел од безбедносниот систем, предавничката власт континуирано ги елиминира патриотите

Наќе Чулев нема добиено отказ од Агенцијата за разузнавање, тој од 8 јуни 2022 е суспендиран од работа, се вели во одговорот на Агенцијата на прашањето на МИА во врска со денешната објава на поранешниот технички министер за внатрешни работи и поранешниот директор на Агенцијата, дека по 25 години служба повеќе не е дел од безбедносниот систем.

„На 08.06.2022, Наќе Чулев е суспендиран од работа. Причина за суспензија е добиеното Решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со кое се регулира материја поврзана со безбедносниот сертификат. До овој момент Наќе Чулев нема добиено отказ од Агенцијата. Со ова Агенцијата за разузнавање констатира дека Наќе Чулев манипулира со јавноста“, се наведува во одговорот на Агенцијата.

Претходно Чулев на Фејсбук објави дека по 25 години во служба за татковината повеќе не е дел од безбедносниот систем.

„По повеќе од 25 години поминати во служба на татковината и граѓаните на Македонија, не по моја вина, на мое жалење повеќе не сум дел од безбедносниот систем. Криминалниот режим кој ја предводи власта и за жал ја води државата со сета сила удри и по мене и по мојот професионален интегритет. Јас сум човек – професионалец кој својата кариера ја градел чекор по чекор, почнувајќи од најниското скалило во службата“, напиша Чулев.

Тој наведува дека сите овие години бил „во првите редови на одбраната на уставниот поредок, територијалниот суверенитет и интегритет и безбедноста и интересите на Македонија“.

„Ја сакам државата и придонесував за неа. Учествував и во многу операции за поддршка на меѓународната безбедност за што имам добиено награди и признанија како од неколку поранешни директори на матичната институција и претседателот на државата, така и од меѓународни партнери“, додаде тој во објавата.

Чулев обвини дека власта е „предавничка“ и дека патриотите ги елиминира од безбедносниот систем претставувајќи ги како македонски екстремисти и радикали:

„Тоа што за сите нас е патриотизам и љубов кон татковината, оваа предавничка власт сега го стигматизира како македонски екстремизам и радикализам, а македонските патриоти, преку креирање на перфиден систем на лажни и фабрикувани информации континуирано ги елиминира од безбедносниот систем. На тој начин, смислено и со план ги ослабнуваат капацитетите на државата и ја доведуваат во подредена положба“, тврди Чулев.

„Во изминатиот период во неколку наврати испратив јасна порака и денес повторно и недвосмислено повторно го правам тоа. Политичкиот прогон, сите притисоци, закани и уцени кон мене и другите припадници на безбедносната заедница нема да вродат со плод. Ние и понатаму ќе бидеме со полн капацитет во одбрана на Македонија и македонските интереси, а сите оние кои постапуваат незаконски ќе одговараат за тоа пред надлежните институции.

Јас и понатаму ќе бидат истиот Наќе Чулев – човекот кој неизмерно ја сака својата држава и професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок и развој. Нека ни е вечна Македонија“, додава тој во објавата.

Извор: МИА

- Реклама -