Неопходен е ефикасен социјален дијалог за унапредување на безбедноста и здравјето при работа

Скопје, 28 април 2022 г. – Предизвиците поврзани со пандемијата на Ковид-19 покажаа дека постоењето на позитивна култура и силни системи за безбедност и здравје при работа (БЗР) се од суштинско значење за заштитата на работната средина и одржување на здравјето и безбедноста на работниците. За успешно справување со постоечките и со идните предизвици кои влијаат врз здравјето и безбедноста на работните места неопходен е ефикасен социјален дијалог, како и активно учество на сите релевантни страни во областа на БЗР, како на национално, така и на ниво на деловни субјекти.

Ова се клучните пораки од конференција која, по повод 28 aприл – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, ја организираа Меѓународната организација на трудот, Министерството за труд и социјална политика и Советот за безбедност и здравје при работа, а на која учествуваа и претставници на синдикатите, Државниот инспекторат за труд, Организацијата на работодавачи, како и експерти од областа на трудовото право.

„Сите ние заедно, самите работници, работодавачите, стручните лица и професионалци од областа, институциите, мораме да работиме активно, секој во својот домен и во рамките на своите надлежности и можности, за да обезбедиме нашите работници навистина да бидат посигурни, побезбедни и поздрави на своите работни места“, рече во своето обраќање министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, потенцирајќи дека „Одбележувањето на 28-ми април треба сите да нѐ поттикне уште повеќе да работиме и на подигнување на јавната свест за безбедноста и здравјето при работа, имајќи предвид дека сите ние ја споделуваме и одговорноста и обврската, секој во својот дел, да се грижиме за унапредување на безбедноста на работните места и да работиме на превенирање на несреќите, повредите и заболувањата поврзани со работата”.

Истакнувајќи го значењето на социјалниот дијалог за унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа, министерката Тренчевска рече: „Мораме да ги негуваме и постојано да ги поттикнуваме социјалниот дијалог и меѓусебната соработка во оваа област, како на национално, така и на ниво на претпријатие, ако сакаме да создадеме реални услови за успешно справување со постоечките, но и со новите предизвици во однос на безбедноста и здравјето на работното место“.

За познавачите на оваа проблематика, исклучително е важно во земјата да се создаде превентивна култура на безбедност и здравје при работа, онака како што таа е дефинирана во Конвенцијата на меѓународната организација на трудот (МОТ) за промотивната рамка за БЗР од 2006-та година.

„Суштинскиот социјален дијалог и трипартитните обврски претставуваат камен темелник на превентивната култура за безбедност и здравје при работа, чијашто улога е да поттикне трајни подобрувања на безбедноста и здравјето при работа“, истакна националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.

Статистичките податоци покажуваат дека, годишно, во светот се случуваат и над 400 милиони инциденти и несреќи на работните места, а се регистрирани и до 2,9 милиoни смртни случаи. Повредите на работното место и професионалните заболувања не само што предизвикуваат немерливо човечко страдање на жртвите и нивните семејства, туку се причина и за големи економски загуби за претпријатијата и националните економи кои се манифестираат преку зголемени трошоци за здравствена заштита и обесштетување, трошоци поради изгубено производство, намалена работна способност и пониско учество на работната сила. Се проценува дека придонесот на несреќите на работното место и професионалните заболувања во вкупните годишни загуби на бруто домашен производ (БДП) на светско ниво изнесува 5,4%.

На крајот од конференцијата, на иницијатива на Македонското здружение за заштита при работа, беше организирана и симболична акција во чии рамки, за секој загубен живот на работа во текот на 2021 година, беа засадени пригодни садници, со надеж дека тоа ќе биде најмалиот парк во светот.

- Реклама -