„Нетпрес“: Цемент со сомнително потекло се појави во стовариштата

Цемент со сомнителен квалитет се продава на домашниот пазар веќе подолг период, објави „Нетпрес“. Според порталот, на пакувањата нема декларација на македонски јазик, што е законска обврска за сите производи од увоз.

Исто така, се наведува во текстот, на пакувањата не е одбележан датумот на производство, а цементот е производ со ограничен рок на траење од три месеци. По овој период цементот не е со ист квалитет и неговата употреба во градежната индустрија не е безбедна. Употребата на цемент по истекот на неговиот рок, три месеци од датумот на производство, дополнително може да има негативни последици по околината, посочува порталот.

И покрај тоа, тврди „Нетпрес“, ваквиот увозен цемент е во продажба во земјава и е овозможена негова широка употреба (како кај домаќинствата, така и кај градежните компании), додека од друга страна продавачите од земјава кои нудат цемент произведен и спакуван според сите стандарди, реагираат дека во повеќе магацини овој „див“ цемент се нуди по многу пониска цена, создавајќи нелојана конкуренција, надвор од законот.

Од „Нетпрес“ побарале но досега не добиле одговор од Државниот пазарен инспекторат за тоа како овој цемент се продава на пазарот, но според извори на порталот, во стовариштата цементот се продава „на црно“ и без да се издава фискална сметка, и како таков се увезува како сосема друг производ, а не како градежен материјал.

Порталот тврди и дека има информации дека легалните трговци со градежни материјали во повеќе наврати побарале инспекциска интервенција, а реагирале и до Царинската управа, меѓутоа, до овој момент не добиле никаква повратна информација дека нешто е преземено.

- Реклама -