Пописот е успешен и прецизно ги отсликува состојбите на терен – уверуваат директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, Владата, претседателот на државата, и двете најголеми владејачки партии – СДСМ и ДУИ. Сепак, тоа не го спречило заменик-директорот на ДЗС – Иљми Селами, да си направи своја, како што вели „приближна“ симулација, и заклучоците, негови лични, да ги сподели јавно, на ТВ.
Имено, во гостување на ТВ21, Селами рече дека не сака да шпекулира, па веднаш потоа соопшти дека Албанците, заедно со граѓаните кои не се попишани, надминувале 31%.
Како што ќе видите од неговото објаснување, тој оваа бројка ја добива со тоа што ги пресликува процентите од вкупно попишаните – врз онаа група граѓани од 132.260 за кои нема податоци за етничката припадност, бидејќи не се попишани на терен, туку за нив податоците се земени од административни извори (се знае нивното место на живеење, возраста и полот).
Чисто за потсетување, со бројка од 31% Албанци вчера излезе и лидерот на ДУИ, исто така преку калкулации со бројката на непопишаните на терен.
Но, да се вратиме на Селами. Според него, со бројката може да се калкулира приближно:
„Јас направив свои симулации. Можам да кажам бројки, од 132 илјади колку се Македонци, колку Албанци….. но, тоа е како што би рекол народот ‘по мое’… Не би сакал… Само ќе речам дека 132 илјади го отсликува моменталниот процент на резиденти. На пример, ако 54% се Македонци, 54% од овие 132 илјади се Македонци, ако 30% се Албанци, 30% од овие 132 илјади се Албанци. Доколку се вметнат и овие податоци и се одреди етничката припадност, јазикот и др… ќе излезе дека Албанците се над 31%“, рече Селами.
Освен оваа, тој изнесе и други весели математики. Па така, како што посочува ТВ21, според него „132.260 жители се околу 40 домаќинства кои кога попишувачите им тропнале на врата или не биле дома или не ја отворале вратата“. Ние си земавме за право да ја направиме простата пресметка што Селами изгледа ја прескокнал – дека 132.260 жители поделено на 40 домаќинства ќе му дојде по околу 3306.5 лица по домаќинство…
ИНаку, бројот на лица за кои податоците се земени од административни извори, по општини, можете да го видите ТУКА.