Пендаровски исвиркан пред Св. Спас, но вели дека тоа е логично во демократска држава

Со свирежи и извици на негодување од страна на група граѓани беа пречекани и испратени претседателот на државата Стево Пендаровски и делегацијата на Владата предводена од првиот вицепремиер Артан Груби, денеска пред црквата Св. Спас, каде бројни делегации, вклучително и од владата на Бугарија, положија цвеќе на гробот на (нај)големиот македонски револуционер Гоце Делчев, одбележувајќи 150 години неговото раѓање.

Подоцна, во изјава за медиумите, Пендаровски го прокоментира инцидентот. Според него, таквите реакции се нормални во држави што се демократски.

„Нормално е во една демократска држава граѓаните слободно да го изразуваат своето незадоволство. Реакцијата е логична, нормална во една демократија. За тоа се боревме, бидејќи сакаме да живееме во демократска држава“, рече Пендаровски.

„Ние сме тука и ние сме платени за да трпиме секакви критики, и невтемелени и втемелени, од нашите граѓани и мене ми е мило што има такви реакции“, додаде шефот на државата.

Пред гробот на Гоце Делчев, во рамките на заедничкото чествување, со засилено полициско обезбедување, попладнево се поклонија и положија цвеќе и делегации на владите на Северна Македонија и Бугарија, предводени од министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска.

Министерката Костадинова Стојчевска беше придружувана од заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Во составот на бугарската делегација, пак, покрај министерката Генчовска, беше и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија – Велислава Петрова, претседателот на парламентарната Комисија за култура – Тошко Јорданов и бугарскиот амбасадор во Скопје – Ангел Ангелов.

Почит на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас оддаде и европратеникот и известувач за земјава во Европскиот Парламент – Илхан Ќучук.

Во Бугарија, од друга страна, бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со бугарскиот претседател Румен Радев (кој беше во карантин, но добил негативен тест, а има примено и бустер доза против ковид), го посети Благоевград, каде со низа манифестации свечено беше одбележана годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Заедно со Радев и Петков, венец положи и в.д. македонскиот амбасадор во Бугарија – Владимир Крстевски.

За разлика од Петков, македонскиот премиер Димитар Ковачевски не присуствуваше на чествувањето на Гоце Делчев во Скопје, бидејќи со министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ се во Брисел.

Сепак, Ковачевски испрати порака преку неговиот Фејсбук профил, потсетувајќи на една од најзначајните мисли од Делчев.

„Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, век и половина почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело.
Денеска, на 4 февруари, на денот на раѓањето на Гоце Делчев, се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.

Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава.

Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата ‘Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите’. Оваа негова порака до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.

Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, порача Ковачевски.

Видео: ТВ21

- Реклама -