Скопје, 12 јануари 2022 (МИА) – Моето останување има врска и со една друга борба. Еднакво важна, ако не и најважна. Тоа се принципите на политиката за каква јас сонувам и се залагам, изјави вицепремиереот за европски прашања Никола Димитров на неговата последна прес-конференција на функцијата.
„Исто не е тајна, тоа се гледа и од јавни настапи може да се провери и од записници од владини седници, дека – од приодот и мерките против пандемијата, преку ставови за легализација на дивоградбите, медиумските политики – вие новинарите тоа многу добро го знаете, јавни конкурси за важни позиции наместо партиски пазари, па сé до главното – казнивост и одговорност“, вели Димитров, објаснувајќи го својот став да ја одбие понудата да биде амбасадор во Вашингтон.
На Парламентарните избори, вели, јас бев носител во првата изборна единица, единствената каде заедно со шестката и победивме, заедно со коалицијата, и, додава, покрај тоа што го заложив личниот кредибилитет изграден во областа што е моја, надворешната политика, заложив и лично ветување – дека ќе бидам гласот на онаа група граѓани кои бараат ред и систем без клиентелизам, кои бараат правда.
„Јас никогаш не сум бил член на ниту една партија. Јас работам за државата, за македонската кауза и за мојата визија македонската политика да стане благородна, мисија на луѓе со знаење и чесност, со достоинство и со лична култура. Тоа што за многу партиски членови од сите страни не секогаш е лесно сфатливо е всушност основата на секоја нормална демократија – да се водиш од принципите, а не од буквите на партијата или имињата на лидерите. Како вели Черчил – нека не ве плашат оние кои напуштаат партија или влада поради принципи, загрижете се за оние кои напуштаат принципи поради функција или партија. Јас сум работел со сите премиери до сега и со сите во даден момент и сум се разминал, тогаш кога ни се разминале и визиите. Ова за мене не може никако да биде проблем, оти е нешто со кое се гордеам… Оти лојалноста кон мисијата никогаш, ама никогаш не смее да биде погазена од лојалноста кон некаква организација или лидер“, наведува Димитров.