Загрижувачка појавата на вмешаност на албанските полициски службеници во нелегални активности

Тирана, 26 декември 2021 (МИА) – Вмешаноста на албанските полициски службеници во криминал, станува загрижувачка појава, објави телевизија Ора њуз, наведувајќи дека станува збор пред сè за млади полицајци кои сè повеќе се „вмешани во злоупотреба на службената положба или во извршување на кривични дела“.

„Под обвинение за вмешаност во одгледување дрога или повластување граѓани кои го прекршуваат законот само во втората половина од оваа година уапсени се 31 полициски службеници, а други 33 се кривично гонети и им е изречена мерка куќен притвор или задолжително јавување. Во најголем дел од случаите во овие кривични дела се вмешани лица со чин инспектор, а потоа следат оние од сообраќајни и општи патроли“, наведува телевизијата.

Со оглед на тоа дека најпроблематични се младите полициски службеници, генералниот директор на државната полиција Гледис Нано ја истакна потребата од трансформација на полициската академија во јавна високообразовна институција.

Според него вчера биле уапсени двајца полицајци, едниот специјалист за патен сообраќај, додека другиот член на персоналот во контролната соба со камери. Тие меѓусебно соработувале при извлекување информации со цел во интерес на други лица.

- Реклама -