Харадинај: На војската на Косово ѝ се потребни 10 милијарди евра за да му парира на „вчерашниот агресор“

Приштина, 19 декември 2021 (МИА) – Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај денеска побара да се создаде посебен фонд, покрај буџетските средства, за поддршка на Косовските безбедносни сили, наведувајќи дека 100 милиони годишно се недоволни за да се одговори на потребите на државата и оти за изедначување со „вчерашниот агресор“ потребни се 10 милијарди евра.

– За да може да го изедначи Косово со нашиот вчерашен агресор, на војската на Косово и треба буџет од 10 милијарди евра. Сегашните 100 милиони евра годишно не се доволни ни за одржување на сегашната ситуација, ниту пак за зголемување на воениот капацитет на потребното ниво, рече Харадинај, пренесува Бета.

Како што јави приштинската агенција Косовапрес, Харадинај изјавил дека постојаното зајакнување на војската на Косово треба да биде трајна цел, бидејќи сегашниот буџет од 100 милиони евра не е доволен за Косово да има војска „способна да се брани од потенцијалните агресори“.

Според него, на ова ќе му претходи донесување закон во косовското Собрание со кој би се создал фонд, а со него ќе се овозможат донации од Албанците каде и да се – во „нивните етнички земји“ или во дијаспората.

- Реклама -