Разрешени директорите на РЕК Битола и РЕК Осломеј, за в.д назначени Пеце Матевски и Стојан Мицкоски

АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) денеска соопшти дека е разрешен директорот на РЕК „Битола“ – Златко Ќурчиевски. На негово место, за в.д директор, е назначен Пеце Матецски – досегашен директор на Термоелектрана.

На седница на Управниот одбор на АД ЕСМ е донесена одлука за кадровски промени со кои е разрешен и директорот на РЕК „Осломеј“ – Златко Пиперкоски, а на негово место за в.д. директор е назначен Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во Рудници, информираа од ЕСМ.

„Во следните денови ќе бидат извршени и други кадровски поместувања внатре во комбинатите, со цел подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза“, се вели во соопштението.

„Давам целосна поддршка на одлукaта за разрешување на директорите на РЕК Битола и РЕК Осломеј“, напиша на Фејсбук министерот за економија Крешник Бектеши.

„Како надлежна институција во областа на енергетиката, Министерството за економија во континуитет бара одговорно, домаќинско и професионално менаџирање на институциите“, додаде тој.

Во истата објава, Бектеши повтори дека ќе нема ценовни шокови кај електричната енергија од јануари следната година, ниту пак рестрикции на електрична енергија.

„Посветено ја следиме работата на сите енергетските компании“, потенцира тој.

Стабилноста на електроенергетскиот систем е императив, посочи, од друга страна, денес претседателот на РКЕ – Марко Бислимоски. Сите процеси кои се во тек и чекорите кои се преземаат од сите енергетски компании и институции, согласно надлежностите, се насочени кон сигурна и стабилна испорака на електрична енергија во државата, подвлече тој.

Домашното производство на електрична енергија по први јануари, како и статусот и темпото за ангажирање на сите енергетски капацитети кои се на располагање во државава, биле тема на денешниот редовен координативен состанок на Регулаторната комиисја за енергетика со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО, ЕВН Хоме, Електродистрибуција, Операторот на пазарот на електрична енергија – МЕМО, ТЕЦ Неготино и со претставници на Владата и Министерство за економија.

„На состанокот се отворија прашањата за домашното производство на електрична енергија по први јануари и се презентираше статусот и темпото за ангажирање на сите енергетски капацитети кои се на располагање во државава. Што се однесува до предизвикот кој нѐ очекува во однос на цената, компаниите сеуште немаат доставено барања до РКЕ за истата. Во периодот што следува компаниите ќе ги сумираат трошоците кои ги имаат во изминатиот период во кои клучна ќе биде цената по која ќе се набавуваат загубите за електрична енергија, а за кои МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат јавни повици и ќе ги достават до РКЕ“, изјави Бислимовски.

Тој повтори дека како РКЕ ќе ги активираат сите механизми што се во рамки на нивна надлежност со цел заштита и на интересот на потрошувачите и на ликвидноста на енергетските компании.

Извор: МИА

- Реклама -