„Исчезнатиот“ Реџепи со нов статус, сега на друг профил: Во понеделник ќе разјаснам сѐ, Беса да не презема избрзани чекори

Пратеникот на Движењето Беса – Кастриот Реџепи, сѐ уште го нема, но затоа денеска имаме нов Фејсбук статус, овојпат на неговиот приватен профил.

Во објавата, чија видливост е ограничена (не е Public), Реџепи вели дека во понеделник ќе се појави пред новинарите за да разјасни што се случило со неговото вчерашно непојавување во Собранието, каде требаше да се гласа за доверба на Владата. Притоа, тој ѝ порача на неговата партија, Движењето БЕСА, да не презема „избрзани чекори“ кои, како што пишува во објавата, „ќе им нанесат штета на партиските структури и активисти“.

„Почитувани пријатели и семејство, без разлика на вашите политички убедувања. Ви благодарам за грижата и поддршката што ми ја давате. Следниве денови ќе имаме можност подиректно да ве информираме за сѐ. Во однос на медиумите и интересот, ги разбирам и ги информирам дека моето прво појавување пред јавноста ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема избрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се постапува внимателно“, стои во објавата.

Фото: Принтскрин, via Слободен печат

Предмалку на прес-конференција, Арјанит Хоџа од Беса потврди дека партијата сѐ уште не остварила контакт со Реџепи. Прашан дали сѐ уште сметаат дека пратеникот е киднапиран, тој рече дека ништо не е исклучено со оглед дека немаат остварено контакт со него и пратеникот е пријавен за исчезнат во МВР од каде сѐ уште немаат одговор, но дека се надеваат дека, како што самиот Реџепи уверува во видеото и во статусите, дека тој е безбеден. Хоџа потврди и дека, доколку се покаже дека одлуката на Реџепи навистина е негова, ќе следуваат санкции од партијата. Беса, истакна тој, има јасни принципи и тоа нема да се смени ниту кога би имала три наместо четири пратеници.

- Реклама -