Ахмети: Оставката на премиерот ја менаџираме преку контакт со сите страни и во координација со САД, НАТО и ЕУ

„Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик“, напиша лидерот на ДУИ – Али Ахмети, на својот Фејсбук профил доцна синоќа во обраќање до граѓаните, откако опозицијата соопшти дека има ново парламентарно мнозинство.

„Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција , ниту со еуфорија“, додава Ахмети во пораката.

Тој наведе и дека добива многу телефонски повици, пораки и поддршка од сите страни, а во неможност да одговори на сите, како што рече, во објавата порача дека „заедно ќе успееме“, потенцирајќи дека за сите случувања партијата ќе информира навремено.

„Заедно засекогаш и во секој предизвик“, додава Ахмети во објавата.

- Реклама -