Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во Охрид

Охрид, 31 октомври 2021 (МИА) – Кандидатот на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков прогласи победа на Локалните избори.

На Градскиот плоштад во Охрид Пецаков се обрати пред сопартиците, симпатизерите и граѓаните на Охрид, порачувајќи им дека нема да ги разочара, дека од првиот ден на функцијата ќе работи во интересот на сите граѓани.

– Никогаш нема да ве разочарам. Поминавме две недели во кои оваа власт ни покажа зошто треба да замине. Хибридниот режим е поразен во цела Македонија. Се соочивме со многу притисоци за кои најдовме начин како да ги надминиме. Не потценија, но ние работевме и знаевме дека ќе дојде денот кога ќе кажеме дека Охрид и Македонија победија. Нема место во Охрид, без разлика кој живее – сите ја дадоа поддршката и бескрајно сум Ви благодарен за тоа. Од првиот ден ќе работам за сите граѓани. Ние црната кампања ја оставивме настрана. Најдовме иновативен начин да ги претставиме идеите и проектите и покажавме дека Охрид е подготвен за нов систем за работа. Ќе имаме наскоро нова Влада предводена од новиот премиер проф. д-р Христијан Мицкоски. И 17-ти и 31-ви октомври беа референдумско изјаснување на народот – дали треба кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да биде градоначалник, но и референдум и против најголемото зло во Македонија, а тоа е Зоран Заев. И покрај сите напори на многу луѓе да не успее ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, ние победивме. Победи народот на Охрид, победи обичниот народ, порача Пецаков.

Пецаков и во првиот круг од Локалните избори имаше предност пред актуелниот градоначалник на Охрид Константин Георгиевски од редовите на СДСМ со околу две илјади гласа.

Официјалните податоци од веб-страницата на ДИК, по обработени над 74 отсто од гласачките места, Пецаков има предност од над три илјади гласа.

- Реклама -