„Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година

„Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков е победник на третото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“.

За најдобар од вкупно 44-те пријавени ракописи, „Хотел меѓу две војни“ беше избран од жирито составено од проф. д-р Владимир Мартиновски (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), потоа Фросина Пармаковска (писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година), како и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).

Во образложението на жирито се вели: „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања во биографските факти и во многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите“.

– Престојувајќи во бизарен хотел кој асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози. Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит, свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел помеѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација.

Заради наведените книжевни и текстуални карактеристики на овој ракопис, што ги посочивме како негови доблести што го издвоија од другите конкуренти, донесовме едногласна одлука „Хотел меѓу две војни“ да ја понесе наградата „Пегаз“ за 2021 година… Повеќе детали на „Литература.мк“.

- Реклама -