Црвенковски: Со оваа памет, многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку

Процесот на приватизацијата и транзицијата на општетството беше една од темите во обраќањето на поранешниот претседател на државата – Бранко Црвенковски, на денешниот научен собир во организација на МАНУ, а по повод 30-годишнината од независноста на државата.

Според Црвенковски, големите аномалии настанале во пост-приватизациониот период, кога во многу претпријатија вработените, под притисок и уцена, а од страв да не ги изгубат работните места, ги отстапувале своите акции по минимална вредност па дури и без пари на менаџерските структури.

„Едноставно, не создадовме ефикасен механизам за заштита на интересите на малите акционери и тоа беше голема грешка. Губењето на работните места во многу поголема мера се должеше на бројните стечаи отколку на приватизацијата. А стечаи имаше и заради субјективни слабости, но и поради објективни околности – изгубените пазари, блокадите, немањето на кредитна поддршка да се одржи производството и слично“, рече Црвенковски.

Тој дури „призна“ дека од денешна перспектива веројатно би постапил поинаку.

„Во секој случај, се направија крупни грешки. Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но за жал, како во приватниот живот така и во политиката, времеплов не постои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери туку верувајќи, во тие и такви тогашни околности, дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат. И за успесите кои беа постигнати, но и за грешките кои беа направени во периодот додека бев премиер носам целосна одговорност“, рече Црвенковски.

- Реклама -