Локдаунот во Канбера продолжен до средината на октомври

Канбера, 14 септември 2021 (МИА) – Затворањето на австралиската престолнина Канбера е продолжено денеска до средината на октомври, соопштија властите. Околу 400.000 жители на главниот град се принудени да останат дома еден месец откако беше идентификуван првиот случај на Ковид-19 во градот.

Жариштето е поврзано со делта варијантата. Премиерот на Територијата на главниот град на Австралија – Ендрју Бар, рече дека властите сакаат да продолжат да го ограничуваат пренесувањето на вирусот и да вакцинираат што е можно повеќе луѓе.

„Тоа е најбезбедниот пат што треба да се следи. Тоа ќе ни овозможи да имаме Божик, летни одмори и 2022 година без ризик“, изјави тој на прес -конференција.

Повеќе од 53 проценти од луѓето над 16-годишна возраст во таа држава примиле две дози од вакцината против Ковид-19, највисок процент во Австралија, која во последните три месеци бележи пораст на случаи на инфекција во повеќе области.

Во последниве месеци, кампањата за вакцинација се забрза, особено за луѓето кои се во „локдаун“ на југоистокот од земјата, како што се Сиднеј и Мелбурн, двата града со најмногу жители. Австралиските лидери минатата недела се согласија за националните насоки кои предвидуваат укинување на ограничувањата и отворање на границите кога процентот на целосно вакцинирани луѓе достигне помеѓу 70 и 80 проценти.

- Реклама -