Николовски: Конфискацијата на имот ќе ја врши меѓуресорско тело на УЈП, ДКСК и Финасиската полиција

Нацртот на новиот закон за конфискација на имот ќе биде готов наскоро, а веќе месецов ќе започнат јавните дебати и разговорите со универзитетската јавност и сите засегнати страни, како и политичките чинители во општеството, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата – Љупчо Николовски, во гостување во вестите на „Канал 5“.

„Ова е работа што се прави по 30 години, се отстрануваат слабостите на системот кои ги имаме во моментот, а преку кои не доаѓа до конфискација на имотот кој е стекнат на незаконски начин. ДКСК има надлежност за проверка на потеклото на имот на функционерите додека се на функција, но не и потоа, тоа мотивира процеси во кои се префрла имот на трети лица. Затоа со новиот закон тие ќе бидат демотивирани да прифатат вакви услуги затоа што ќе се проверува токму имотот и на тие лица, а законот ќе има соодветни механизми со кои ќе треба да се декларира имотот, да се понудат докази за потекло на имотот во одреден рок и ќе има соодветен лимит кој ќе се проверува“, појасни Николовски.

Тој потенцираше дека засега во нацрт верзијата стои сума од 30.000 евра, но, како што рече, низ собраниска процедура и дискусии на владата и во јавноста, таа ќе се менува.

„Оваа сума е ставена согласно ЕУ и искуствата на многу држави. На овој начин ги отрануваме слабостите кои ги имаме во кривичните постапки – на некој начин имаме кривични пресуди, но конфискацијата не е можна – затоа овој закон предвидува граѓанска кофискација на незаконски стекнат имот и не може луѓе кои имаат правосилни пресуди, кои се во затвор и кои чекааат да излезат и да уживаат во благодетите на имотот кој го стекнале токму на нелегален начин дури и за дела за кои се осудени“, рече вицепремиерот.

Како што истакна, ставот на тимот кој работи на овие законски решенија, а кој работи и на спојување на повеќе институции од 2024 година и намалување на бројот на членови на надзорни и управни одбори со цел намалување на непродуктивните трошења – е дека не е потребна нова институција која ќе ја спроведува конфискацијата. Предлогот е да има само едно меѓуресорско тело каде ќе се пријават членови од УЈП, ДКСК, Финасиската полиција, Финансикото разузнавање институции.

- Реклама -