Дебранец исекол 200 борови стебла на брегот на езерото, засадени од дебарските гимназијалци пред неколку децении

Дебар, 18 август 2021 (МИА) – Поднесена е кривична прјава против дебранец кој опустошил дел од боровата шума покрај брегот на Дебарско Езеро, земјиштето го узурпирал и почнал бесправно да гради.

„Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична против Ф.К.(63) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘узурпација на недвижности’, ‘бесправно градење’ и ‘пустошење шуми’. Тој, во текот на годинава, на локации на брегот на Дебарското езеро во државна сопственост, бесправно пресекол 200 стебла борова шума и неовластено изградил три објекти од тврд материјал“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Според него, Ф.К. се стекнал со противправна имотна корист од 241.100 денари.

Делот со борова шума е еден од најубавите делови покрај езерото, што во доброволни акции ја засадија дебарски гимназијалци пред неколку децении.

Опустошувањето на боровите насади создава револт кај дебрани, посебно кај повозрасните кои засадувале.

„Ние како средношколци засадувавме, откако рачно ископувавме канали. Тоа е еден од најпрекрасните делови покрај езерото, но ете секој кој се чувствува сигрен дека нема да бде строго казнет запоседнува делови“, вели дебранец, кој бил дел од оние кои засадувале пред 48 години.

Ова не е прв случај на узурпација на земјиште покрај брегот на езерото, кое главно е во државна сопственост, на што во неколку наврати предупредуваа и дел од членовите на Советот на општина Дебар.

Како што изјавија, и покрај тоа што сите изградени објекти биле дивоградби, дел од нив се веќе легализирани, за што побараа одржување посебна седница за овој проблем.

- Реклама -