(ФОТОГАЛЕРИЈА) Бочварски: Експресниот пат од Градско кон Прилеп се гради, за две години од сега граѓаните на Прилеп и Пелагонија ќе возат по модерен експресен пат

„Експресниот пат од Градско кон Прилеп се гради. Оваа Влада покажа решителност да ги изгради и најтешките инфраструктурани проекти во државата. Избрани се нови изведувачи за првата и втората фаза и патот активно продолжува да се гради“, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта – Ејуп Рустеми, и градоначалниците од Прилеп, Градско и Росоман, изврши увид на градежните работи на првата фаза од експресниот пат од Градско до Дреново.

Првата фаза од Градско до Дреново е со должина од 15.5 километри и вредност од 24.7 милиони евра. Досега се изградени 35% и градежните работи ги презема компанијата Штрабаг.

Во однос на втората фаза, од Дреново до Фаришка клисура, градежните работи ги презема компанијата Синохидро. Прогресот на градежните работи до сега е 35%, а инвестицијата е вредна 32 милиони евра.

„Од денеска засилуваат градежните активности за изградба на овој експресен пат. Проблемите со старите изведувачи за првата и втората фаза се надминати, избрани се нови изведувачи и ги уверуваме граѓаните на Прилеп и Пелагонија дека за две години од денеска ќе возат по модерен и безбеден експресен пат. Вкупната инвестиција е 64.5 евра“, изјави Бочварски.

Тој потенцираше дека Владата знае колку овој експресен пат им е потребен на граѓаните (заради побрза комуникација, заради поголема безбедност во сообраќајот, заради развој на Пелагонија и регионот) и увери дека тие работат со сите сили на финиширање на овој патен правец.

Бочварски истакна и дека активно се работи на подготовка на документацијата и за проширување со по уште една лента во двата правци на потегот од мостот на Ленишка река до влезот на Прилеп. Според него, се очекува тендерот да се распише до крајот на 2021 година.

Директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми, исто така имаше свое обраќање:

„Експресниот пат Градско – Прилеп е поделен на 3 делници. Делницата Градско – Дреново е со должина од 15.5 км. Предвидени се 5 вијадукти/мостови, 4 надпатници, 4 подпатници и две клучки кај Градско и Росоман. Содржи две возни ленти од 3.5 метри, две ленти за застанување од 2.5 метри и по две рабни ленти, со вкупен патен профил од 12.4 метри“, посочи тој.

Рустеми нагласи и дека за многу кратко време ќе започне и рехабилитацијата на третата лента на превојот Плетвар.

- Реклама -