Документација за незаконско работење на Боречката и Скијачката федерација доставена до Обвинителството, „Борбата против корупцијата се води на сите нивоа“ – порачува Николовски

„Борбата против корупцијата се води на сите нивоа, така и во спортот. Федерациите мора да работат законски“, порача вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт – Наумче Мојсовски, на која ги презентираа наодите од пристигнатите претставки за работата на Боречката и Скијачката федерација.

„Оваа Влада е цврсто одлучна да ставиме крај на ова зло, во секоја област па и во спортот! Нема место за корупција во спортот и федерациите мора да го почитуваат законот! Денешната координирана активност со директорот на АМС –  Наумче Мојсовски, јасно ги покажува нашите заложби за борбата против корупцијата и e индикатор за успешна меѓуинституционална соработка“, додаде Николовски.

Тој посочи дека по доставувањето на претставките за работата на Боречката и Скијачката федерација до неговиот кабинет, со Мојсовски и вработените во АМС одржале неколку состаноци, активирајќи ги сите механизми и алатки на располагање за темелно испитување на состојбите и злоупотребите наведени во претставките и нивно понатамошно процесуирање.

„Од преставките што пристигнаа до мојот кабинет и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите кои треба да бидат промотори на спортот, но и пропусти на инспекциската служба“, истакна Николовски, информирајќи дека целокупната документација доставена од подносителите против Боречка федерација, тој и неговиот кабинет ја препратиле до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. До надлежните органи за откривање на криминал ќе биде доставена и секоја дополнителна документација што ќе му биде доставена, а сѐ со цел спроведување на детална и целосна истрага, додаде Николовски.

Како што соопшти тој, претставките против Боречката федерација содржат доказен материјал за направени злоупотреби и постоење на сомнеж за корупција и криминал, фалсификување на документи, непотизам, нетранспарентност, судир на интереси, недонесени прописи и низа други нерегуларности.

Претставката против Скијачката федерација, пак, се однесува на нерегуларности и незаконитости при изборот на претседател на Скијачката федерација. Пропратната документација содржи докази за фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачки клубови, непочитување на одредбите од статутот на федерацијата за одржување на вонредно собрание за избор на претседател, злоупотреби на дејноста на одредени скијачки клубови и друго.

Директорот Мојсовски информираше дека Агенцијата за млади и спорт, по анализата на поднесените претставки до кабинетот на Николовски, согласно своите надлежности повела дисциплинска постапка против самостоен инспектор кој ја испитувал работата на двете федерации.

„Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за определени пропусти при вршење на инспекцискиот надзор од страна на инспекторот, од една страна, а од друга страна тоа ќе биде можност да се расветлат евентуалните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации. Сите федерации се должни да го почитуваат Законот за спорт и Законот за здруженија на граѓани, во зависност од тоа како се организирани и како функционираат, бидејќи само на таков начин можеме да очекуваме развој на спортот во РСМ и постигнување на одлични резултати од нашите спортисти“, рече Мојсовски.

„Овие заеднички и координирани активности се доказ дека нема недопирливи, а истовремено и јасна порака дека секаде, во секоја институција каде што ќе се утврдат незаконско постапување, злоупотреби и корупција, неселективно ќе се постапува“, порача вицепремиерот Николовски.

- Реклама -