Лукаревска: Редовната исплата на повратот на ДДВ ја зголемува довербата на граѓаните во институциите

„Граѓаните знаат дека на секои три месеци се исплаќа повратот на ДДВ и со тоа се зголемува и довербата во институциите“, истакна денеска директорката на УЈП – Сања Лукаревска, по повод 2 години од воведување на мерката.

Лукаревска истакна дека „МојДДВ“ е пример и за другите земји од регионот, кои, инспирирани од нашата мобилна апликација, воведоа и воведуваат исти или слични мерки.

Директорката на УЈП подвлече и дека овој проект ги оправдува целите заради кои беше воведен – освен што ги враќа парите кај граѓаните, придонесува и за намалување на сивата економија.

„Граѓаните ја согледаа важната улога и одговорност која што ја имаат во овој процес – а тоа е активно учество во намалување на неиздавањето на фискални сметки, со тоа што како партнери на УЈП, ги пријавуваат ваквите појави“, истакна Лукаревска.

Според УЈП, во овие две години постоење на мерката, апликацијата има речиси 400.000 корисници, на кои им се исплатени вкупно околу 36 милиони евра. Конкретно, во првата година преку „МојДДВ“ вратени се над 670 милиони денари, додека во втората година вратени се над 1.5 милијарда денари. Во првото тримесечје од оваа 2021 година, пак, вратени се над 413 милиони денари.

„Овие бројки се показател дека бројот на корисници се зголемува, а со тоа и бројот на скенирани сметки“, оцени Лукаревска.ќ

- Реклама -