Николовски: Граѓаните цврсто застанаа зад Рамковниот и Преспанскиот, одлуката на Бајден е силна порака за блокирачите на процесите

„Последната одлука на претседателот на САД – Џо Бајден, е силна порака од нашиот стратешки партнер за сите оние кои ги блокираат и кочат процесите во државата!“, порача денеска вицепремиерот за борба против корупцијата и организираниот криминал – Љупчо Николовски, на прес-конференција во Владата, околу пладне, прашан за коментар за одлуката на Бајден да го прошири опсегот на санкции за поединци и организации од Западен Балкан кои ја загрозуваат стабилноста на регионот, а во која експлицитно се наведени и  Преспанскиот и Охридскиот Рамковен договор.

„Граѓаните на Северна Македонија цврсто се одлучија да застанат зад Охридскиот и Преспанскиот договор и тоа се темелите на овој нов пат, на ова модерно општество, трансформирано по европски терк со стабилни меѓуетнички односи, ориентирано кон напредок, развој, интеграции“, додаде Николовски.

Додуша, тој самиот нагласи дека сѐ уште во детали го нема видено документот, но за волја на вистината, истата оваа порака осамна и на неговиот Фејсбук профил околу три часа подоцна. Како што може да се забележи, првиот антикорупционер со ваквата порака 100% се фокусира на делот околу договорите, но не и на делот во однос на корупцијата во извршната наредба што ја потпиша Бајден.

А таму, како една од главните точки, пишува и дека на црната листа на САД ќе се најдат и лица кои:

„• се одговорни или соучесници, или се директно или индиректно вклучени, во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучувајќи корупција од влада, во име на влада, или на друг начин поврзана со влада во Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер од кој било ешалон на влада во Западен Балкан, како што се злоупотреба на јавни средства, експропријација на приватни средства за лична корист или за политички цели, или поткуп“.

- Реклама -