Алијанса за Албанците: Владата да не манипулира, примарна цел на наредбата на Бајден е корупцијата

Алијанса за Албанците го поздрави потпишувањето на Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден, која им дава големи овластувања на американското Министерството за финансии во консултација со државниот секретар, а со која се одобрува воведување санкции за лица во регионов кои се одговорни за корупција, кои се вклучени во злоупотреба на јавни средства и злоупотреба на приватен имот за лична или политичка корист, или се вмешани во мито.

Од Алијансата велат дека од своето основање сериозно се заинтересирани за расчистување на политичката сцена од такви елементи, кои, посочуваат како и Бајден, стануваат пречка за развојот на државата во сите димензии, како и на патот на интеграцијата во Европската унија.

„Убедени дека коруптивни елементи имало во сите претходни влади како и во сегашната, потврдени и во извештајот на Транспаренси Интернешнл, ја оценуваме како несериозна тенденцијата на заменик премиерот за борба против корупцијата, како и Владата, да го сокријат целосниот неуспех во борбата против криминалот и корупцијата, пристапувајќи кон оваа наредба само од политичката призма на Охридскиот и на Преспанскиот договор“, реагираат од опозициската партија од албанскиот политички блок.

Како што потенцираат од Алијанса, овие два документи (Рамковниот и Преспанскиот договор) за нив се веќе неспорни, но истовремено, потсетуваат, примарна цел на наредбата на Бајден се санкциите против поединци кои се одговорни за корупција.

- Реклама -