„ЗА ВОДА СЕ РАБОТИ!“ – Документарен филм за уништувањето на Вардар (ВИДЕО)

Од опеван бисер на Македонија, до хорор приказна која започнува уште од изворот Вруток – тоа е денес нашиот Вардар.

„Единствено во нашата и можеби во уште неколку други еколошко пасивни земји низ светот, од страна на државата е дозволена узурпација на природните извори на вода, а со тоа и уништување на природното богатство поради личен профит“, се вели во документарниот филм „ЗА ВОДА СЕ РАБОТИ!“, изработен од „The Fourth Leaf“.

Филмот е дел од истоимениот грант проект финансиран од Цивика мобилитас и Швајцарската агенција за развој и соработка (CDS), а има за цел да придонесе кон одржлив развој и квалитетна животна средина во земјава, преку  јакнење на свеста на јавноста и надлежните институции и информираност на граѓаните, граѓанските организации и медиумите за состојбата со загадување на водите.

Од мали приватни езерца во кои „сопствениците“ решиле да чуваат пастрмки, до секаков вид на микробиолошко и хемиско загадување, обоено во секакви (хемиски) бои – се сретнуваат по целиот тек на Вардар. Дури и во главниот град, кој претендира/ше да биде „Зелена престолнина на Европа“ за 2021 година, сликата на реката Вардар е поразителна.

„Конечно Вардар влегува и во метрополата – нашето најзагадено, а според властите – зелено но и незагадено, како и еколошки настроено – Скопје. Град со најмногу активисти и организации по глава на жител, кои се борат за зачувување на природата и против загадувањето. Но, да бидеме искрени, и град кадешто секое домаќинство не така скромно придонесува во збогатувањето на водата со екстремни загадувачи. А тие се слеваат во Вардар, и тоа преку главните артерии на главниот град – канализацијата. За град од оваа големина (се претпоставува дека Скопје има од 600 до 800 илјади жители) изгледа дека е сосема природно да нема прочистителна станица. Се разбира, како за таканаречена метропола, испустот на најтоксичните води задолжително мора да биде веднаш до рекреативниот парк, и тоа во близина на детските игралишта и рекреативните зони.

Индустриите кои заедно со властите ја минимизираат или воопшто не се ни оптеретуваат со состојбата на водите, непречено работат и повремено испуштаат отрови. Понекогаш, но сепак многу ретко, некои од овие зелени индустрии ќе платат по некоја казничка и со традиционалната заклетва ‘Жими мајка нема веќе’ ќе продолжат да ја збогатуваат реката со, да кажеме, црвена боја.

Во случајот на Скопје и немањето прочистителна станица за отпадни и индустриски води, можеме да заклучиме само дека градските власти ажурно и професионално си ја вршат својата работа“, се вели во дел од документарецот, очигледно исполнет со многу, многу сарказам, како што е и редот кога во прашање е односот на сите нас кон она што треба да претставува скапоцено богатство, а го нарекуваме Вардар.

Погледнете го документарецот, но подгответе се – нема да биде пријатен ниту за око, ниту за стомак.

- Реклама -