Владата ги раскинува договорите со „Инвока Груп“, од која Рашковски го набавил софтверот

На денешната 72 седница, Владата на РСМ донесе одлука за раскинување на Договорот за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“ ДООЕЛ од 11.8.2020 година.

Притоа беше задолжен Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“ ДООЕЛ-Скопје, со задолжение согласно Законот за јавни набавки да се побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции.

Генералниот секретаријат беше задолжен, по раскинување на Договорот, да започне со редовна постапка за јавна набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции и да склучи нов Договор за групна набавка и да ги извести: Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Царинска управа, Агенција за катастар на недвижности, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“ ДООЕЛ Скопје е раскинат и за постапката по заклучоците да ја информира Владата на Република Северна Македонија, информираат од владината прес-служба.

„Инвока гроуп“ ѝ стана позната на јавноста по случајот со поранешниот Генерален секретар на Владата – Драги Рашковски, кој од оваа фирма го набавил спорниот софтвер за МВР за следење на сообраќајот, откако претходно самиот на свое име патентирал систем за следење и безбедност во сообраќајот. Поради овој случај, Рашковски е во притвор во Шутка.

- Реклама -