Пендаровски: Македонскиот јазик е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј, а какви плодови ќе береме зависи од нас

Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски, а какви плодови ќе береме, зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло – порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, во честитката по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители.

Како што посочи Пендаровски, вложувањето во нашата македонска гранка е наша должност кон претходните и кон идните генерации, но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор.

„Почитувани граѓани,

Денеска, на 24 мај, ние во Република Северна Македонија, заедно со другите народи од словенското говорно подрачје, го празнуваме делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Св. Кирил вели дека „без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го Светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа. Со тоа Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дадоа клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, Св. Кирил и Методиј се изборија и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност.

Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор.

Нека ни е за многу години 24 мај – Денот на сесловенските просветители!“, порача шефот на државата.

- Реклама -