Георгиески: Сопствениците на приколки во „Градиште“ да ги отстранат сите доградби и надградби, во спротивно тоа ќе го направи Општина Охрид

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески ги предупреди граѓаните кои се сопственици на приколки во автокампот „Градиште“ во следниот период сами да ги отстранат сите доградби и надградби на камп-приколките. Во спротивно, порача, тоа ќе го стори Општина Охрид.

Како што информираше Георгиески, Општината донела Решение за отстранување на времените објекти откако при спроведениот вонреден инспекциски надзор на 15 автокамп приколки, затекнати биле бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи. Исто така, затекнати биле и недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти, а на одредени локации и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија.

„Овие дејствија во автокампот ‘Градиште’ се надвор од сите одобрени проекти и законски прописи! Токму затоа Општина Охрид апелира сопствениците сами да ги отстранат сите доградби и надградби на камп-приколките, во спротивно во следниот период ќе бидат отстранет“, порача градоначалникот, додавајќи дека Општина Охрид и во следниот период ќе продолжи со спроведување на инспекциски контроли и во другите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро.

- Реклама -