Богоевски: Ма какви уставобранители, терористи и ништо помалку од тоа

Осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017 година не се никакви уставобранители, туку терористи и ништо помалку од тоа, смета поранешниот пратеник на СДСМ – Павле Богоевски.

Тој нема дилема дека настаните од 27 април биле терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Притоа, Богоевски посочува на Член 313 од Кривичниот законик на РСМ, попат правејќи паралела со она што се случуваше во Собранието на таканаречениот „крвав четврток“.

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок (ЧИТАЈ: мирна транзиција на власт) или безбедноста на Република Северна Македонија (ЧИТАЈ: упад во законодавниот дом) ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија (ЧИТАЈ: пронајдени импровизирани експлозивни направи во Собрание на РСМ по 27. април), пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство (ЧИТАЈ: обид за егзекуција, тепање и држење заложници на народни избраници), создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните (ЧИТАЈ: со намера или закана да предизвика граѓанска војна), ќе се казни со затвор најмалку десет години (ЧИТАЈ: НАЈМАЛКУ).

Ма, какви уставобранители. Терористи и ништо помалку од тоа“, пишува Богоевски на Фејсбук, по вчерашните протести за поддршка на осудените за 27 април.

За потсетување, за настаните во Собранието од 27 април, на затворска казни се осудени поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност – Митко Чавков (18 години затвор), полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски (15 години), Оливер Поповски (13 години), Мунир Пепиќ (15 години), Абдуљфета Алими (7 години), Оливер Радулов (10 години), Јане Ченто (15 години), Игор Југ (12 години), Александар Василевски-Нинџа (8 години), Никола Митревски-Кољо (15 години), Младен Додевски (12 години), Горанче Ангеловски (12 години), Влатко Трајковски (15 години) и Вилијам Михајловски (14 години затвор). Притоа, од вкупно 33 лица обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, 15 беа амнестирани со Законот за амнестија.

- Реклама -