Заев ќе го разрешува Пауновски, таков пркос кон премиер и вицепремиер не бил дозволен

Премиерот Зоран Заев очекува од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, откако тој одби да вработи 35 „рамковни административци“ кои земаа плата а не одеа на работа, а остана на тој став дури и откако беше прекорен од премиерот Заев, потенцирајќи дека нема да попушти дури и по цена да биде разрешен.

Според премиерот Заев, во ваквото „однесување“ на Пауновски има основа за разрешување, затоа што, како што изјави денеска, „таков пркос не бил дозволен“.

„Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“, изјави денеска Заев за време на посетатата на компанијата „Кемет Електроникс“, одговарајќи на новинарско прашање.

„Не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените за нешто што е толку транспарентно и воспоставено на одлични, искрени основи, самите институции да дадат фидбек. Ако нема систематизирано место или не може да се систематизира, не мора да се прими никој. Но, народот очекува од нас ова да го решиме зашто поминуваат години, се плаќаат луѓе, а не работат ништо. Сериозно е тргнат процесот за распредеба на тие луѓе“, додаде премиерот.

Инаку, како што објасни претходно Пауновски, Пазарниот инспекторат има потреба од инспектори за Струмичкиот регион и источна Македонија, а 35-те рамковни му ги пратиле за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. Уште повеќе, според Пауновски, тие немаат соодветно образование за да бидат инспектори, поради што и да се вработат во Инспекторатот, повторно ќе седат дома.

- Реклама -