Куќен притвор за иноваторот што сакаше да спасува животи, Обвинителството ќе се жали – бара затворски

Куќен притвор и Забрана за комуникација со другите осомничени и Забрана за користење на средства за комуникација за поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, осомничен во случајот за јавна набавка на софтерот за контрола на сообраќајот, одреди попладнево судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје, откако утрово Рашковски беше приведен и однесен на распит кој траеше околу четири часа. На распит беше спроведен и куќен притвор доби и Даниел Станчевски од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн – „Инвока груп“, од каде Рашковски во име на Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот.

Со ваквата одлука, Судот не го послуша барањето на Обвинителството, кое побара затворски притвор за Рашковски, поради 1. опасност од бегство со оглед дека осомничениот е имотен, како и 2. можност за криење и влијание врз сведоци.

„Во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка.Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“, се вели во образложението на Кривичниот суд.

Обвинителството најави жалба на ваквата одлука.

„Ќе следи жалба на таквата одлука, од причина што ценам дека Обвинителството даде навистина доволно докази да ги докаже околностите поради кои бараше мерка притвор, а не куќен притвор, дотолку повеќе што со мерката куќен притвор сметаме дека и натаму ќе постои опасност од влијание на сведоците коишто треба допрва да бидат сослушани и останатите материјални докази коишто треба допрва да бидат прибавувани во текот на постапката“, изјави обвинителката Ивана Трајчевска.

Таа не сакаше да ги коментира причините за одлуката на судот, но посочи дека смета дека – од она што досега Обвинителстството го има прибавено и од она што било кажано од самиот осомничен – дека постојат доволно околности да се потврди имотната состојба на осомничениот.

На новинарско прашање, Трајчевска потенцираше неколку делови од постапката за набавка на софтверот кои Обвинителството ги смета за спорни.

„Во конкретниот случај можам да ви кажам дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за три јавни набавки, односно за три постапки за јавни набавки, од кои што само првиот осомничен е вклучен во трите постапки, додека останатите три лица се вклучени само во првата постапка.

Законот за јавни набавки предвидува дека вие не смеете да ги договарате условите, односно тендерската документација – со учесниците во постапката. А тоа е направено во случајов. Исто така, не можете да контактирате со нив лично, туку си има начини на електронско комуницирање по официјален канал. Тоа (лично комуницирање) е исто така направено, значи повторно е постапено спротивно на Законот за јавни набавки. Исто така, вообичаено се прави анализа па потоа се склучува јавна набавка, а не обратно, како што е во случајов. И на крајот, но воопшто не и најмалку битно, е тоа што не може да изготвите и да барате тендерска документација за постапка којашто стриктно упатува на конкретен патент и со цел да фаворизирате одредена стока или правно лице. Такво нешто е направено во случајов.

Во однос на другите две постапки за јавни набавки, истите се прибавени за потребите на првата, а морам да ви напоменам дека се набавени во време кога воопшто не ни била склучена првата јавна набавка. Па оттаму, малку е нејасно, нели, за што се набавени, кога главниот дел го немало“, рече обвинителката Трајчевска.

Претходно, од Обвинителството, детално објаснија како Рашковски, според нив, го оштетил буџетот за повеќе од 11 милиони денари.

„Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена.

Летото 2019 година, првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000,00 денари со вклучен 18% ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.

Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321,00 денари“, се вели во соопштението.

Претходно, во писмото до премиерот Зоран Заев во кое му ја соопшти својата оставка, Рашковски, во одбрана на својот патент и набавката на софтверот, изрази огорченост, посочувајќи дека сакал да му даде нова димензија на општествениот живот, а целта му била да спасува животи.

„Иако повлекувањето е поврзано со зачувување на достоинството и интегритетот, сепак не може а да не спомнам тоа што последно се случуваше и ќе остане горчината дека и преку теоретската анализа на 40 страници образложена и преку практичното проверување на истата, сме покажале, докажале и практично потврдиле дека во иднина со решението кое е толку коментирано во јавноста, секој втор живот кој ќе згасне на патиштата може и има како да биде спасен и со тоа да се тргнеме од листата на ниско развиени земји со околу 80 жртви помалку годишно, може да ја искорениме ‘асфалтната чума’ која е главна причина за смрт кај децата, може секој трети повреден да нема никаква болка и на крај најнебитното, да има околу 100 милиони евра годишно помалку материјална штета“, напиша Рашковски.

- Реклама -