Се огласи поразениот Каракачанов: И надвор од парламентот ќе го браниме бугарскиот интерес за Македонија

Претседателот на ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) – Красимир Каракачанов, се огласи на Фејсбук во врска со парламентарните избори во Бугарија кои се одржаа вчера. Иако конечните резултати сѐ уште не се објавени и сѐ уште се пребројуваат гласовите, сѐ поизвесно е дека за партијата на Каракачанов ќе нема место во бугарскиот парламент. Самиот Каракачанов го потврди тоа, истовремено уверувајќи дека борбата за Македонија ќе продолжи.

„Здраво, другари. Денот на изборите заврши. Централната изборна комисија сè уште не ги објави конечните бројки, но прогнозата е дека ВМРО нема да биде претставена во 45-от парламент. Благодарност до сите што гласаа. Благодарност до сите што ја поддржаа ВМРО. Ви благодариме што за вас ‘Бугарија е над сè’ (*изборниот слоган на партијата) и водечки во вашите одлуки и на прво место е националниот интерес. Сакам да му гарантирам на секој Бугарин кој ја даде својата доверба и глас за ВМРО, дека нема да ве изневериме! Дури и надвор од парламентот, ВМРО ќе се потруди да ги одбрани вашите интереси, за кои работевме последните четири години – приход, семејство, безбедност. Ние ќе продолжиме да го браниме бугарскиот интерес за Македонија – затоа што компромис на тоа поле не треба да има по никоја цена!

Главите горе, пријатели! Не треба да се обесхрабрувате! ВМРО не ја доби оваа битка, но ‘војната’ допрва претстои – а таа е за најскапоценото – Бугарија“, порача Каракачанов.

- Реклама -