Home 365 Денес При крај е снимањето на македонско-грчкиот филм „Зад стоговите сено“, поттикнат од Преспанскиот договор

При крај е снимањето на македонско-грчкиот филм „Зад стоговите сено“, поттикнат од Преспанскиот договор

0
При крај е снимањето на македонско-грчкиот филм „Зад стоговите сено“, поттикнат од Преспанскиот договор

На локации во Дојран се снимаат завршните сцени од македонско-грчко-германскиот филм „Зад стоговите сено“ – филм за уште поголема соработка меѓу двете земји поттикната од можностите со Договорот од Преспа, информира прес-службата на Владата. Директорот на Агенцијата за филм – Бојан Лазаревски и продуцентот Владимир Анастасов денеска биле во посета на отворен сет за филмот на некои од локациите во Дојран.

Како што истакнува Лазаревски, „Зад стоговите сено“ е филм кој е поддржан од страна на Агенцијата за филм на Северна Македонија, ЗДФ Арте од Германија, Грчкиот филмски центар и Грчката национална телевизија ЕРТ, но е препознаен и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.

„Оваа значајна соработка стана реалност благодарение на Преспанскиот договор и истата претставува размена на искуства помеѓу две филмски екипи, на две територии, отсликувајќи ги двата народа во создавањето на најголемото достигнување – филмско дело. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина, вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење“, изјави Лазаревски.

Продуцентот Владимир Анастасов потенцира дека ова е една од првите ко-продукции со Република Грција и изрази надеж дека филмот, кој е во завршен дел од снимањето, ќе има успешен живот на фестивалите и во кино-салите.

Почесниот Конзул на Република Грција во Северна Македонија – Ахилес Ракинас, се заблагодари за поканата да присуствува на снимањето на филмот „Зад стоговите сено“ – проект кој, според него, е од големо значење за двете земји.

„Љубител сум на филмот, ја следам продукцијата од целиот регион, се чувствуваат успесите, затоа верувам дека и овој филм ќе остави белег. Се надевам на идни соработки во секоја област не само во филмот“, изјави Ракинас.

Режисерката на филмот Асемина Проедроу, од Република Грција, за филмот рече дека станува збор за рибар кој живее во село на границата помеѓу Република Грција и Северна Македонија.

„Тој се плаши дека ќе оди во затвор заради измама и долгови. За да собере пари почнува да пренесува мигранти со неговиот брод. Главната дилема во филмот е дали да се признае и да се каже вистината или да се сокрие“, образложува накратко таа.

Снимањето на филмот се одвивa на територија на Грција уште од 13 јануари, а потоа продолжи на локации во Дојран и Гевгелија.

Поради настанатата ситуација со КОВИД-19 и воведувањето на карантин, се промени стратегијата за снимањето на овој филм, којшто сепак успеа да биде комплетиран на сетовите на македонската страна од Дојранско Езеро.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here