Мијалков не може да здивне од ковидот: Во октомври позитивен, вчера пак со симптоми

Поранешниот директор на УБК е позитивен на Ковид-19 – информираше неговиот адвокат Љупчо Шврговски во октомври минатата година.

Во изјава за „Фокус“, Шврговски тогаш потврди дека Мијалков се тестирал на Инфективната клиника и му било соопштено дека неговиот тест бил позитивен. Адвокатот тогаш изјави и дека Мијалков има покачена температура и сува кашлица, а се заразил од својата сопруга Александра, која била позитивна на ковид.

Шврговски тогаш изјави и дека тие, неговите адвокати, нема да одат во самоизолација, бидејќи Мијалков бил особено внимателен и постојано одржувал дистанца и носел маска.

Одговорното однесување во однос на своето и здравјето на своите блиски и најблиски, Мијалков го потврди и денеска. Во изјава за екипата на „ТВ24“ која „случајно го пресретна“ пред зградата на Обвинителството, поранешниот шеф на УБК истакна дека додека цела држава го бараше, а и МВР со меѓународна потерница, тој бил во самоизолација за да не го доведе во ризик семејството.

„Да, тука сум, еве ме. Не сум избегал… вчера бев, на жалост, навистина болен, со преку 40° температура… Бев изолиран, затоа што имав симптоми на корона, со 40° температура, главоболки… И од причина што сакав да се изолирам од семејството, вчерашниот ден го поминав во изолација“, рече Мијалков.

Па ете, неколкумесечната негова голгота со ковидот уште еднаш покажува колку непредвидлив е вирусот и дека е неопходно што поскоро државата да набави доволно вакцини за да го имунизира населението. Олеснителна околност е што очигледно се работи за исклучително одговорен граѓанин, кој не само што се грижи за своето и туѓото здравје, туку беше и толку доблесен да им се извини на целата јавност, власта и министрите и сите институции за непријатноста што ја предизвикал (премногу самокритичен израз, ако нас нѐ прашувате) со тоа што го поминал вчерашниот ден во самоизолација. Олеснителна околност, според обвинителката Русковска, е и тоа што Мијалков сам се пријави.

- Реклама -