Царинска управа заплени 146 тони нелегален тутун, Сугарески предупредува на штетните последици и најави бескомпромисна борба против оваа појава

Царинската управа соопшти дека запленила 146.278 килограми увезен необработен тутун кој бил пуштен незаконски во промет, а за кој не е платена акциза и камати за ненавремено плаќање, односно е оштетен буџетот во вкупен износ од нешто над 294 милиони денари, односно над 4.7 милиони евра.

За овој случај, Царинската управа на Република Северна Македонија на 10 февруари 2021 година до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поднела кривична пријава против две правни лица со седишта во Тетово и Гевгелија и против 3 одговорни лица, поради основано сомневање дека е сторено кривично дело „Недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра односно стоки“, што е казниво по член 60, став 5 и став 6 во врска со став 1 од Законот за акцизи.

Како што соопшти новиот директор на Царинска управа – (ексминистерот за транспорт и врски) Горан Сугарески, се работи за десет увози на тутун во лист од типот „Вирџинија“, реализирани од страна на правното лице од Гевгелија во месец декември 2017 и во текот на цела 2018 година, по што увезениот тутун наместо да се доработи е пуштен во промет на незаконски начин без да се плати акциза.

„Во координација со Основното јавно обвинителство од Гевгелија, инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа извршија претреси на повеќе локации во Скопје заради обезбедување на докази во врска со случајот.

Токму поради огромните штети од нелегалната продажба на режан тутун во државата, Царинската управа во координација со Пазарниот инспекторат и Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Биро за јавна безбедност-МВР и други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи“, велат оттаму.

Како што истакна Сугарески, само во изминативе денови, во рамките на своите редовни активности на Одделението за истраги при Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат, успешно се реализирани акции за заплена на режан тутун кој нелегално се продава на зелените пазари, при што се запленети 284.5 килограми режан тутун наменет за нелегална продажба, како и 413 кутии по 200 парчиња или вкупно 82.600 парчиња филтри за полнење на цигари. Од страна на Државниот пазарен инспекторат изречени се 11 платни налози за нерегистрирана дејност.

„Нелегалната продажба на режан тутун го загрозува здравјето на граѓаните и е пропратена со непочитувања на одредбите од повеќе закони и подзаконски акти, а кои продуцираат штети на државата и државниот буџет“, потсети Сугарески.

„Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, истите мора да бидат обележани со контролни марки. Контролните марки се потврда дека за тие производи се платени акцизата и останатите давачките на државата, но и дека е извршена контрола на квалиетот. Акцизните производи учествуваат со околу 22% во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13%. Над 40% од приходите од акцизи се од цигарите и тутунските производи. Ако се знае висината на буџетот, станува збор за значаен извор на приходи“, објасни тој на заедничката прес-конференција на која учествуваше и вицепремиерот за борба против корупција – Љупчо Николовски.

„Спроведената акција од страна на Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат е уште еден показател дека нема компромис кога станува збор за прекршување на законите и оштетување на буџетот на коруптивен и криминален начин, во случајов недозволена трговија со тутун.

Како координатор на надлежните антикорупциски институции, меѓу кои е Царинската управа и инспекциските служби, бев детално запознаен со случајот и бев во постојна комуникација и координација со Управата и со Државниот пазарен инспекторат“, рече Николовски.

„Избегнувањето на плаќање на давачки како што е неплаќањето акциза, е еден од ризичните фактори за корупција при увозот и извозот на стоки, кои сериозно го оштетуваат буџетот. Ги охрабрувам Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни институции да продолжат со координираните и интензивни акции за сузбивање на нелегалната продажба на тутун и тутунски производи. Нема да дозволиме никој да профитира на грбот на граѓаните, тутунопроизводителите, и на компаниите кои чесно, законски работат и ги плаќаат давачките кон државата”, порача тој.

„Производството и продажбата на нелегален режан тутун е сѐ позачестена појава и има штетни последици по здравјето на граѓаните. Овој вид тутун, кој нелегално се произведува и продава во државата, нема никакви документи кои го докажуваат неговото потекло, видот, квалитетот, начинот, како и местото на одгледување и чување и не подлежи на процес на контрола на квалитетот од овластените институции во земјата.

Царинската управа како една од важните институции за превенција и спречување на оваа појава, во координација со други државни институции превзема конкретни активности фокусирани на борба против нелегалната продажба на режан тутун во земјава и елиминирање на сивата економија и одржување на планираните буџетски приходи на државата.
Ги повикувам медиумите заедно со нас да работат на подигнување на свеста на јавноста за оваа тема и заедно да ги укажеме сите штетни последици од оваа загрижувачка незаконска појава“, додаде директорот Сугарески.

- Реклама -