Филипче: Лекот Ивермектин од денеска е достапен за граѓаните во аптеките

Лекот Ивермектин од денеска е достапен за граѓаните во аптеките, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Лекот ERMETIN (ivermectin) таблета 3 mgx10 во пакување, на производителот World Medicine Ilac San.Ve.Tic. од Турција, во аптеките по одобрена малопродажна цена изнесува 299 денари, појаснуваат од Министерството за здравство. Лекот може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен.

Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на ивермектин кај пациенти со COVID-19 се во тек и/или нивните крајни резултати сѐ уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека ивермектин има поволен ефект во профилакса на COVID-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика, додава Филипче.

Матичните лекари, од друга страна, реагираа дека сѐ уште немаат официјални насоки за тоа како да го препишуваат и дозираат лекот. Претседателката на Здружение на матични лекари – Лилија Чолакова Дервишова, за „Слободен печат“, вели дека лично му се обратила на Филипче и побарала да се утврди протокол за лекување со „ивермектин“:

„Ова е нов лек, за првпат доаѓа во Македонија и не сакаме да експериментираме со него. Се работи за наши пациенти, човечки животи на кои не смееме да експериментираме. Не е дозволиво, како досега сами меѓусебе да се консултираме како треба да дозираме. Ни фалат протоколи за лекување и тоа за три состојби: 1) кај хронични пациенти кои се здрави, 2) за пациенти позитивни на ковид-19, но во почетна фаза и 3) кај тешки пациенти, бидејќи лекувањето за овие три категории не смее да биде исто, децидна е д-р Чолакова.

По објавата на Филипче, многу од граѓаните реагираа дека не е точно дека лекот го има во аптеките, некои одејќи дотаму што министерот го обвинија за лажна вест. Дел од медиумите, пак, кои своите екипи ги испратија на терен, потврдија дека лекот го има, но дека тешко се наоѓа. Така, на пример, „Канал 5“ утврди дека лекот не е достапен во сите аптеки. Некои од аптеките што утрово добиле помала количина до пладне веќе ја потрошиле, а во дел, пак, ваков лек не ни стигнал. Сепак нивната екипа успеала да го најде лекот во три од аптеките што ги обиколила. Екипата на „Слободен печат“, пак, имала помалку среќа, па лекот го нашла единствено во аптеката на „Зегин“ кај Градската болница „Св.Наум Охридски”.

- Реклама -