Насилници малтретираат и им се закануваат на „неверници“ во автобус на ЈСП, ќе сечеле глави и ќе ги топеле во киселина (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се појави видео од инцидент во автобус на ЈСП во Скопје. Како што може да се види од видеото, двајца мажи се однесуваат агресивно кон патниците и шоферот, при што се закануваат дека ќе сечеле глави и ќе ги фрлале во киселина.

Според објавувачот, настанот се случил откако жена од автобусот им се обратила на двајцата мажи да ги стават маските на лице. За возврат била (физички?) нападната, проследено со низа закани, од „не знаеш кој сум“ па до „да ти ги еб*м и државата, и Заев, и полицијата, сите тие работат за мене“.

Како што покажува видеото, во еден момент двајцата насилници му наредуваат и на шоферот на автобусот да ја отвори вратата да се симнат, а тој одбива бидејќи не е на станица, по што следува мала препирка и со него:

„Ако што не е станица, јас им велам. Значи јас ти кажувам ова“, упорен е еден од нив.

„Ќе застанам на станица, ќе се симнеш. Што ако кажеш ти? Што ќе биде? Исти сме сите“, му враќа возачот.

„Не сме исти. Ние сме верници, вие сте неверници“, возвраќа лицето.

Видеото завршува во моментот кога тие ја забележуваат девојката зад нив, која ги снима. Според Твитер профилот што го сподели истото, потоа таа била нападната со навреди и закани.

- Реклама -