Обвинение за Вело Марковски и уште седум лица: Нелегално ископувале културно наследство и го продавале во странство

По повеќемесечна истражна постапка, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против осум лица. Лицата се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година поединечно или заедно, за остварување на точно определени цели, без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Р.С. Македонија, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа добрата неовластено ги продавале на купувачи во земјава и во странство, соопшти Обвинителството.

Имено, во наведениот период на територијата на Р.С. Македонија обвинетите Р.П, А.Б. и Ж.Р., со цел стекнување на противправна имотна корист, создале група за вршење на кривични дела поврзани со недозволени археолошки истражувања и ископувања, на која припадници станале обвинетите В.М., И.Д., А.Б., Б.Д. и Ј. М.. Членовите на групата поединечно или заедно преземале криминални дејствија за остварување на точно определени цели, па така, обвинетите Р.П., А.Б., Ж.Р., В.М., Б.Д. и Ј.М. без дозвола од надлежни органи вршеле недозволени археолошки истражувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Р.С. Македонија. Тие меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите, со неовластена употреба на метал – детектори и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на Р.С. Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, добрата ги прикривале на безбедни непознати локации и во домовите на обвинетите В.М., И.Д и А.Б. до пронаоѓање на неовластени купувачи.

Откако ќе биле пронајдени купувачите од земјата и од странство, обвинетите неовластено им ги продавале овие значајни добра, сопственост на државата. Купувачите добрата под привремена заштита, односно културно наследство и природните реткости со непроценлива вредност ги изнесувале надвор од државата, во странство и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата.

Според Обвинителниот акт сите обвинети, тројца како организатори и петмина како припадници на групата сториле кривично дело „Злосторничко здружување“. Во зависност од дејствијата што ги сториле, на обвинетите им се ставаат на товар кривичните дела „Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и кривично дело „Прикривање“ . Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, велат од Обвинителството.

Како што веќе посочија неколку медиуми, еден од обвинетите е инфектологот Вело Марковски, кој во меѓувреме стана член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Дека тој е предмет на ваква истрага потврди тој самиот на крајот на септември годинава. Тогаш портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов, излезе со серија обвинувачки забелешки, меѓу кои спомена дека марковски има обвинение за тргување со археолошки предмети:

„На крај, искрено би го повикал секој член на ВМРО-ДПМНЕ да се произнесе, а особено патриотскиот институт кој е пресно формиран, кога знае дека против нивни член на високото раководство има обвинение за тргување со археолошки предмети! Партија која навидум се бори за зачувување на историското, на културното наследство, избира член на највисокото раководство кој се сомничи за тргување на наследството!“, напиша тогаш Костадинов, по што следуваше и своевиден одговор од страна на инфектологот. Во тој негов пост, Марковски се жалеше на бескрупулозните напади од страна на владејачката партија, за кои рече дека започнале неколку часа по неговиот избор за член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Посочи два моменти кои според него отишле предалеку, а едниот од нив беа токму наведените обвинувања од Костадинов.

„ … Едниот е прес коференција (или јавно изнесен став) на портпарол на СДС (владеачка партија), во која изнесува многу наводи од една истрага која се води против мене. Изненаден сум како дошле тие податоци до него (или државата тоа сум јас…). За да не влијаам на истрагата јас поминав 4 месеци во притвор, сега таа истрага стана предмет на притисок и јавно споделување“, напиша тогаш Марковски, барајќи одделението за организиран криминал при Јавното обвинителство во најскоро време да одговори како предметот стигнал до портпаролот, дали е дозволиливо да се влијае на истрагата и дали ќе влијае јавниот притисок и притисокот од власта во понатамошниот тек на истрагата и врз евентуалното подигнување на обвинение и судски процес. Побара и обвинителството да одговори дали ќе покрене обвинение против сите кои јавно изнесувале податоци од предмет во истрага.

- Реклама -