Стоилковски: Возачот на „Бентлито“ е „заштитената мечка“ Бурим Маслан – осудуван за тешки кривични дела

Фото: „Тик Ток“ (профилна)

„Казната од 45 евра е грубо исмевање на правдата и шамар во лицето на чесниот народ“, изјави на денешната партиска прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски, за случајот со Б.А. кој со „Бентли“ влета на плоштадот „Македонија“ меѓу граѓаните кои уживаа во новогодишната атмосфера.

„Тоа што се случи вчера на плоштадот во Скопје е последица на тоа што правниот систем на Заев и Спасовски не функционира и го штити криминалот и ги штити криминалците. Затоа што осудени криминалци не одговараат за сторени кривични дела а тука Заев, Спасовски и Шилегов глумат правда за прекршок од 45 евра. Срамно!“, обвинува Стоилковски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, возачот е Бурим Маслан, познат како Бурим Харачина (така е потпишан и на „Тик Ток“), кој ѝ е добро познат на полицијата. Како што посочи Стоилковски, тој бил осуден со затворска казна за тешки дела разбојништво и загрозување со предизвикување на општа опасност. „Лежел затвор за обид за убиство. И од лани има две кривични пријави за разбојништво и за насилство. „Лани и кај него е направен претрес дома при онаа т.н спектакуларна полициска акција во Грчец и Арачиново кога беше пронајдено нелегално оружје и дрога. Кај него било пронајдено најмалку едно парче недозволено оружје. Овој човек поминува неказнето за илегално оружје, обид за убиство и насилство и затоа дивее низ скопските улици“, додаде Стоилковски.

Покажувајќи низа фотографии, тој обвини:

„Еве го Харачина кој е заштитен како бела мечка од Заев и Спасовски денес слободно лудува среде Скопје по цена од 45 евра! Објавува снимки по социјалните мрежи како вози со над 220 на час, лудува меѓу украсите на Петре од 200.000 евра, загрозува пешаци на плоштадот, а Заев и Оливер Спасовски прават маркетинг дека му наплатиле 45 евра!!

Харачина нема ниту еден ден работен ден стаж, ама има за лудување со луксузни возила, да купува нови како Бентлито купено пред неколку дена, може при претрес да му биде одземено оружје како при акцијата лани, за да потоа во шерифски стил да вози по пешачка зона среде Скопје.

Кој му дава сила и храброст на Харачина неказнето да се однесува како шериф среде Скопје, со толку кривични пријави? Можеби и вчера ќе убиеше некого, ама помина со казна од 45 евра.

Како е можно луѓе со кривични пријави за тешки дела да лумпуваат среде Скопје и да минуваат со казни од по 45 евра? Вчерашното лумпување е исто предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, особено што е повторување на делото! Па, го штити ли Заев, возачот кој што дивееше со Бетлито, Бурим Харачина?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, изворот на ова однесување на арачиновецот е неказнивоста заради интересите на Заев и Спасовски. Тие го повикаа Јавното обвинителство да поднесе Кривична пријава за Бурим Харачина за предизвикување општа опасност од член 288 став 3 од КЗ, особено затоа што лицето казнето само со 45 евра и до сега има повеќе тешки и притоа слични дела.

- Реклама -